Зошто Неста беше принуден да го напушти клубот во кој израсна

Еден од најсилните италијански дефанзивци во историјата вчера наполни 42 години. Имаше среќа да ги фати најубавите години и во Лацио и во Милан, но замина од тимот за кој навива за да наплати туѓи долгови.

Алесандро Неста е еден од симболите на италијанскиот фудбал и еден од ретките кој умееше на елегантен начин со еден клизач да им одземе топка на еден Роналдо, Шевченко, Тоти...
 
Неговата класа се опишува со три факти: На 17 години дебитираше во Серија А, на 21 година стана капитен, а на 25 години најскап дефанзивец во светот.
 
Беше 17 години дел од тимот за кој навиваше и во градот каде растеше. Од нив 8 години во младинскиот сектор на Лацио и уште 9 во првиот тим кој во тоа време го имаше најјакиот состав во својата историја.
 
Неста со Лацио освои Скудето, два пати Куп на Италија каде беше стрелец во финале, два Супер Купови, Куп на Купови на победници и капитенски го крена пехарот на Супер Купот на Европа пред очите на Фергусон и неговата славна банда составена од Гигс, Сколс, Бекам и компанија која загуби 1:0 во Монако.

По бројните успеси со Лацио во неговите најзрели години и стекнување на статус како еден од најквалитетните дефанзивци во светот, летото во 2002-ра година замина принудно во Милан. Причините ги објаснува самиот тој.
„Да не бев принуден немаше никогаш да заминам. Таму ми беше одлично, бидејќи бев дома, бев капитен, играв на високо ниво, тоа беше мојот град и мојот тим за кој отсекогаш навивам. За мене тоа беше фудалот, мојот фудбал беше Лацио. Доаѓаа многу понуди кои секогаш ги одбивав, потоа на последниот тренинг пред да се затвори трансфер пазарот, се појави син му на претседателот Крањоти кој често пати разговараше со мене околу проблемите во клубот. Во еден момент ми кажа дека ме сакаат во Милан и дека морав да ја прифатам понудата бидејќи рокот за продажба на играчи истекуваше, а клубот мораше да извади пари на мене. Не можев ништо да сторам, веднаш ме испратија, па дури и немав време да земам некои работи од дома поради тоа што морав да фатам лет за Милано. Кога пристигнав на Сан Сиро каде се играше пријателско дерби, бев целосно конфузен во главата и не можев да сфатам што се случува. Во еден момент го видов Креспо кој го прашав: А ти што правиш тука? Тој ме погледна и се насмеа: Ме продадоа во Интер. Останав здрвен, не знаев ништо за тоа и го прашав: Па остана ли некој во Лацио? А тој се насмевна и не знаеше што да ми одговори“.

Така легендарната 13-ка на Лацио замина во Милан каде под водство на Анчелоти освои уште 10 трофеи од кои два во Лига на шампиони.
 
Колку вредеше овој човек од кој Крањоти за да го спаси Лацио од банкрот извади 30 милиони евра (многу пари за тоа време) доволно е да го ѕирнете ова видео.

20 март 2018 - 15:02