Како дојде до договор на Олд Трафорд
Сето тоа изгледаше совршено. Летото 2013-та Манчестер Јунајтед по ерата на Фергусон беше во потрага по големо засилување. Кристијано Роналдо не можеше да биде повлечен назад, а срцето на Бејл го избра Реал Мадрид. Една година потоа потребата беше посериозна. Особено по несреќниот мандат на Дејвид Мојс кога на навивачите не им беше потребна ѕвезда само за да се чувствуваат добро туку и да го видат својот тим повторно во Лигата на шампионите во друштво со Челси, Манчестер Сити и Ливерпул. Ди Марија беше прогласен за играч на мечот во финалето од ЛШ и по три месеци падна договорот. Аргентинецот потпиша договор на пет години на 26 август 2014 година за британски рекорд од 59,7 милиони фунти.
Ветувањата на Ди Марија
Неделната плата му беше 200.000 фунти, со договорени бонуси во случај да освои Премиер лига, Лига на шампиони па дури и Златна топка во текот на петгодишниот договор. Првите негови настапи покажуваа оптимизам. Ди Марија постигна гол и направи асистенција на три од првите четири меча. Следуваше 21 септември и магичниот пресврт на Лестер кој победи 5:3, откако губеше со 1:3. Навивачите секогаш очекуваат најмногу од дресот со број 7, а Ди Марија одговори дека преминот од Бернабеу на Олд Трафорд претставува чекор напред во неговата кариера.
Зошто работите се променија
По победата над Евертон на 5 октомври, Ди Марија не постигна гол се до 4 јануари, кога Јунајтед го победи третолигашот Јеовил во третото коло од ФА купот. Се случи ли нешто во меѓувреме? Можеби немаше еден сеизмички момент, туку неколку настани кои направија еден голем и значаен.
Во октомври Аргентина на пријателски натпревар во Пекинг загуби од Бразил со 2:0. Ди Марија ги одигра сите 90 минути. Квалитетот на воздухот не беше добар, а температурата беше висока. По три дена играше на последните 17 минути од пријателската средба против Хонг Конг. Тоа патување изнесуваше околу 20.000 км. За играч кој не виде многу одмор поради обврските на Мундијалот кој го заврши со повреда на бутот, патувањето на блискиот исток беше физичко оптеретување.
На првите 16 меча за Манчестер Ди Марија играше на шест различни позиции, вклучувајќи и напаѓач. Недостасуваше конзистентност, а од неговиот придонес клубот беше засегнат. Од 6 октомври 2014-та со 10 февруари 2015-та асистираше само три пати, а во декември не играше поради повреда.
Комбинацијата на замор, повреди, недостаток на форма и стекнувањето навика во нова земја се собраа, а потоа следуваше и упадот на крадци во неговата куќа кои толку влијаеја кај жена му и ќерка му што сега живеат во стан во центарот на градот.
Падот на Ди Марија продолжи. На четвртфиналниот меч од ФА купот против Арсенал доби црвен картон, а по суспензијата беше замена на следните шест меча. Во последното коло против Хал беше стартер, но го напушти терен по само 23 минути откако ја повреди тетивата.
Зошто Јунајтед сакаа да го пуштат да си замине
Сите овие околности доведоа Ди Марија да стане крајно незадоволен и да посака да си оди. Холандскиот стратег во неколку наврати низ сезоната изјави дека задржувањето на несреќни играчи е контрапродуктивно. Разликата помеѓу неговата ситуација и онаа на Давид Де Геа кој е можно да замине во Реал Мадрид, е тоа што Ди Марија не беше на летната турнеја во САД.
ПСЖ го бараа и лани, а трансферот сега полесно се оствари, а тоа не ниту некоја огромна финансиска загуба за Јунајтед кој го плати 59,7 милиони фунти, а го продаде за 44 милиони фунти.
Мислењето на навивачите
Хуан Себастијан Верон во 2001 направи рекорден трансфер во британскиот фудбал кога Јунајтед му плати на Лацио 28 милиони фунти, но по две сезони си замина во Челси. Фергусон го сруши рекордот и во 2008 година со Димитар Бербатов од Тотенхем кој го платија 30 милиони фунти. Тој ја освои Златната копачка во сезоната 2010/2011, но на крајот од сезоната не фати место во прв тим во финалето од ЛШ. Шест месеци потоа замина во Фулам.
Заминувањето на Ди Марија ќе го остави она чувство “што можеше да биде“, бидејќи неговиот талент е толку очигледен, а неговото заминување многу брзо.
„Јас не можам да разберам“, рече навивач на Манчестер од Австралија кој гледаше како неговиот омилен клуб ја победува Барселона со 3:1 во Калифорнија без Ди Марија.
„Ако носите некој толку добар колку него, мора да му дадеше шанса повеќе од една сезона. Тој навистина играше многу добро во првите месеци и докажа дека може да игра под водство на Луи ван Гал. Докажа дека е талент, а сега си замина. Тоа е многу разочарувачки“
БиБиСи