Во 23' минута од мечот против Болоња, Брајан Кристанте си даде автогол по еден шут на Муса Бароу. Кристанте во афект викнал: „Porco Dio“ што е слично на англиското Goddamn со тоа што италијанската верзија е далеку понепријатна и навредлива.
Судиите го слушнале Кристанте кого следниот ден италијанската лига го казни 1 меч поради богохулење.
ВО ИТАЛИЈА СТРОГО СЕ КАЗНУВА БОГОХУЛСТВО
На Апенинскиот полуостров, покрај суспензиите за жолти и црвени картони, одвреме-навреме играчите и тренерите се казнувани и за бестемија/бласфемија (посебен термин за богохулие).
За ова во 2019-та казнети беа Франческо Мањанели од Сасуоло, Рикардо Сапонара од Џенова и Матео Скоцарела од Парма. На времето казни за изразот Porco Dio добиваа и Џан Пјеро Гасперини и Џанлуиџи Буфон.
Инаку со казните за богохулие не се занимаваат фудбалските власти, туку обвинителството.
„Спортскиот суд доби официјален допис од федералното обвинителство во однос на поведението на фудбалерот Брајан Кристанте“, стои во дописот на фудбалската лига.
Фудбалерот на Рома западна во фокусот на камерите и микрофоните крај теренот во момент кога на стадионот нема гледачи поради глобалната пандемија, па лесно имале доказ против него. Италија важи за најстрога земја во Европа во однос на нетрпеливост кон бласфемија/бестемија. Казниво е со закон.
Во професионалниот фудбал се случувало играч да добие црвен картон за богохулие, а во минатото се досудил и пенал како казна за богохулие.
Легендарниот Марчело Липи кој со Јувентус освои многу трофеи па стана светски шампион со Италија за темата вели: „На терен може да се произнесе нешто инстинктивно, во лутина. Во приватен живот, на пример за нас Тосканците тоа е дел од говорот. Верувајте дека никој не сака да го навредува Бога“.
Оваа „узречица“ наводно потекнува од регионот Венето. Брајан Кристанте е роден во соседната област Фриули-Венеција-Џулија и е близу до реонот каде има вакви фрази на богохулие.
Рома благодарение на триумфот против Болоња е на 6. место на табелата со само 6 бода помалку од лидерот Милан. Во следниот меч против Торино тренерот Пауло Фонсека нема да може да смета на Кристанте.