Со вечерашниот дуел помеѓу Брест и Клермон ќе се заокружи првото коло од новата сезона во втората лига во Франција, а камерите ќе ја ловат тренерската клупа на гостите каде за прв пат ќе седне жена.
Корин Диакре во јуни ова лето потпиша две годишен договор со екипата на Клермон и ќе стане првата жена која ќе води професионален машки клуб во двата ранга од топ 5 националните лиги во Европа
Тоа пред нејзе не и успеа на Португалката Хелена Коста која стана тренер на Клермон, но по само неколку дена си поднесе оставка со образложение дека раководните луѓе на клубот не ја консултирале за трансфери. Коста не одржа ниту еден тренинг со тимот.
Нејзината наследничка е инаку асистент тренер на женската фудбалска репрезентација на Франција, но вечерашниот деби меч и носи многу поголем публицитет само тоа што е жена тренер на машки клуб.
„Вечерва ќе биде возбудливо, но се трудам да бидам смирена и да се фокусирам на мечот колку што е можно повеќе. Целото внимание е свртено кон мене, но јас се концентрирам на играта и сакам исто и играчите да мислат на тоа“, изјави на денешната прес конференција Диакре која токму на овој историски ден полни 40 години.
Откако по оставката на Хелена Коста, претседателот на Клермон повторо се реши за тренер да назначи жена, медиумите потегот го нарекоа маркетиншки трик. Тој им одговори тоа е само нивно гледиште во ситуација која некој ќе смисли нешто ново.
На фудбалските терени во Европа, претходниот клуб кој бил предводен од жена тренер е италијанскиот третолигаш Витербезе кој го водеше Каролина Мораче во 1999 година. По големиот медиумски притисок таа по само два меча си поднесе оставка.