Уште 18 дена до почетокот на Европското првенство кое ќе се одржи во четири града во Полска и четири во Украина. Организаторите тврдат дека се подготвени да ги пречекаат многубројните навивачи, а подготвени за заработка се и тапкарошите, угостителите и проститутките.
Неодамна претседателот на УЕФА, Мишел Платини хотелиерите од Украина ги нарече бандити и преваранти заради енормното зголемување на цените. Цените за едно ноќевање се движат од 11 евра во шатор во камп на 55 километри од Киев, па се до 1900 евра во луксузен апартман во центарот на градот.
Деновиве во јавноста излезе уште еден ценовник. На аеродромот во Киев на патниците им биле делени брошури од салон за масажа кој покрај нормалните услуги, на клиентите им нуди и еротски масажи. Еден час од оваа услуга чини 78 евра.
Но најмудри се тапкарошите. Цените на влезниците се движат од 30 евра за натпревар од групната фаза, па се до 600 евра за финалето. Организаторите на Европското првенство најавија дека остро ќе ги санкционираат препродавачите на билети, но тапкарошите пронајдоа дупка во законот. Тие билетот го нудат гратис, но ако се купи во пакет со навивачко шалче и дрес, а цената на овој пакет чини 1.840 евра.