Во период кога навивачите на Милан се уште чекаат да излезат од црниот тунел, не може да не се навратат на своите легенди кои го држеа клубот на тронот во Италија и во Европа. Еден од нив е Дејо Савичевиќ на кој денеска најпознатите спортски медиуми му посветија простор и му го честитаа роденденот. Па еве и ние.
Роден е во Титоград на 15 септември 1966-та каде почнува со кариера во тимот на Будуќност. Откако на 21 година во 88-ма потпиша за Ѕвезда добил повик за војска. Се појавија шпекулации дека тоа е задкулисна игра на Партизан кој го казнил бидејќи ги одбил, а тие имале врски во армијата.
Во Милан на Фабио Капело пристигна во сезоната 1992/1993. По Европската титула со Панчев заминаа во ист град, но во различен клуб. Има еден чаршиски муабет дека му рекол на Берлускони: „Донесете ми го Дарко Панчев, јас само ќе му местам топки, а он ќе дава голови“. Има и уште еден, а тоа е дека е единствениот играч на Милан кој смеел да ја вози јахтата на газда Силвио.
Го платија 13 милијарди лири, 6,5 милиони евра и тоа беше идеален играч за Милан, невиден талент, брз, непредвидлив со убиствен дриблинг. Плејмејкер кој до себе во тим имаше уште една величина од ју просторите, Звонимир Бобан.
„Го купивме затоа што е најталентираниот играч во Европа“, рече Андријано Галијани на денот на неговото претставување, зборови на кои по 24 години се уште издишуваат навивачите на Милан
Тој беше дел од екипа која беше непобедлива во Серија А на 58 меча по ред од 91-ва до 93-та. Во Италија освои 3 Скудета и два Супер Купови, а Европа ја освои два пати, еднаш со Ѕвезда и по три години со Милан кога дрим тимот на Барселона, предводен од Јохан Кројф не можеше глава да крене од налетите на силниот состав на Капело. Конечни 4:0, два гола на Масаро, еден на Десаи, а оној на Савичевиќ за аналите.
„Сигурно сакаше да шутира во гол, а ми се колнеше дека тоа било асистенција за мене. Не му верувам“, изјави по мечот Масаро.
Савичевиќ заврши втор на доделувањето на Златната топка во 91-ва кога стана Европски првак со Ѕвезда, а ја освои Жан Пјер Папен лидерот на финалистот Олимпик Марсеј. Нашиот Дарко стана Златна копачка. Потоа во Милан влезе во куќата на славните.
Внимавајте само како ја опишува неговата игра поранешниот генерален секретар на Црвена Ѕвезда, Владимир Цветковиќ.
„Навистина беше гениј. Работите кои ги правеше и движењата кои ги имаше, како на пример во Минхен (полуфинале на КЕШ) и во Манчестер (финале, Европски Супер Куп) беа убавина, неверојатни работи. Нешто што сега го прави Меси ама со повеќе стил. Да, Савичевиќ имаше повеќе стил од што сега има Меси“
Манчестер Јунајтед со Фергусон во 1991 година го освои Купот на Куповите на победниците и во финалето на Супер Купот на Европа се сретна со Европскиот првак, Црвена Ѕвезда. Англичаните победија 1:0, ама имаа големи проблеми да го сопрат Дејан. Тоа одлично се гледа на овие снимки на кои може да се види и со колку топки го хранел Панчев.
На денот на неговиот 50 роденден интервју со него направи Газета дело Спорт:
„Не можам да поверувам. Ми требаат години за да се навикнам на тоа дека Милан не е повеќе на Берлускони. Секогаш ми беше близок и ми помагаше во тешките моменти. Без него брзо ќе завршев таму. По првата година стручниот штаб беше против мене бидејќи не сум бил интегриран, не сум го зборувај италијанскиот, но Берлускони рече „останува“. Во мое време беше тешко за нас кои игравме 10-ка, бидејќи најчесто се играше 4-4-2 и тренерите не сакаа да ја менуваат формацијата.“
„На мене и Баџо ни беше тешко и само Ѕола во Парма играше на таа позиција. Денеска во формација 4-2-3-1, тоа место е веднаш зад шпицот. Јас се жртвував и играв како десно крило, но победувавме. Кризата на Милан? Мислам дека се почна со продажбата на Ибрахимовиќ и Тијаго Силва. Не можам да судам од 2.000 километри далечина, но можеа да прават милиони од Касано, Робињо и Пато, а не од нив двајца. Потоа паднавме. Порано бевме прв клуб, како Барселона и Реал тшо се денес, а сега не можеме да потрошиме 80 милиони за играч. Остануваат само неверојатните спомени, една незаборавна епоха“, вели Савичевиќ во дел од интервјуто“.
За него се раскажува и следнава анегдота:
1988. година, некои поискрени времиња. Да ве чекаше договорот со Црвена звезда на врвот на Ловќен, за колку време би дотрчале до горе?
Савичевиќ: Би одел со кола.
И како за крај: