Ривалдо не се дава

Иако на негова возраст вообичаено активно играат фудбал најчесто голманите, бразилската ѕвезда си најде нов клуб. Кариерата ќе ја продолжи во втората бразилска лига во тимот на Сао Каетано.

Ривалдо во април годинава ќе наполни 41 година, зрела возраст за да закаже термин во балон, но неговата желба за професионално занимавање со најпопуларниот спорт во светот очигледно не згаснува така лесно.

По едногодишната успешна авантура во Ангола во тимот на Кабускорп каде Ривалдо успеа на стари години да постигне 14 гола, кариерата ќе ја продолжи во Сао Каетано, екипа од втората бразилска лига која на крајот од изминатото првенство заврши на петтата позиција.

Пред да стави потпис за новиот клуб, Ривалдо ќе мора да ја напушти претседателската функција во Моџи Мирим, екипа од пониските лиги во Бразил, каде е и акционер.

Поранешниот бразилски репрезентативец во својата 21 годишна кариера смени 13 клуба, а најголем белег остави во Барселона каде настапуваше пет сезони, а во 1999 година беше прогласен за најдобар фудбалер според францускиот магазин „Франс Фудбал".

Златниот пехар го подигна на Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја во 2002 година кога во нападот играше во тандем со Роналдо. Договорот на Ривалдо Витор Борба Фереира со тимот на Кабускорп му истече во ноември минатата година, но со оглед на неговите идни планови, тој може да го достигне рекордот и на неговиот поранешен колега од репрезентацијата, Ромарио, кој од фудбалот се прости во 2009 година на 43 годишна возраст.

 

Ова е последниот хет трик на Ривалдо на 40 години за тимот на Кабускорп

 

8 јануари 2013 - 14:15