Развојот на иранскиот фудбал

Селекцијата на Иран го игра четвртиот Мундијал во својата историја. Според најновата ранг листа на ФИФА таа е прва во Азија, а 43-та во светот, што и не е баш за верување откако ќе фрлите око во нивната лига.

Иранската Премиер лига е основана во 2001 година во која се натпреваруваат 16 клубови, а првото национално првенство по револуцијата во земјата стартувало во 1989.

Повеќето од клубовите беа од или во близина на главниот град Техеран. За да се децентрализираат овие тимови кои се во државна сопственост, некои мораа да се преселат во помали градови каде бележеа катастрофални резултати.

Со повеќе инвестиции и професионализам во лигата клубовите како Tractor Tabriz, Foolad и Sepahan FC се појавија од други делови на земјата.

Sepahan FC се наоѓа во централниот дел на Иран во градот Исфахан, 400 километри јужно од Техеран. Во 2000 година беше купен од страна на локална фабрика за челик и потоа стана најуспешниот клуб со четири шампионски титули.

Новите газди изградија нов стадион со капацитет од 70.000 гледачи и потоа почнаа да го засилуваат тимот со фудбалери од домашното првенство, но и од странство.

Sepahan почна да носи тренери од Европа, како Лука Боначиќ, а во моментов ги води Златко Кранчар кој беше селектор на Хрватска.

Стадионот Naqshe Jahan го изгради владата на Иран, но временскиот рок беше одложуван со години поради корупција и малверзации.

Во 2003 година Sepahan стана првиот клуб надвор од Техеран кој ја освоил шампионската титула, со што стави крај на доминацијата на Esteghal and Persepolis. Тие стигнаа до четири титули од кои три во низа од 2009 до 2012 година.

Во иранскиот фудбал со децении доминирале Esteghlal и Persepolis. И во годините кога не биле шампиони, тие биле двата најпопуларни тимови со најмногу публика. Формирани се пред револуционерната ера за да го претставуваат Техеран во националната лига.

Пред револуцијата во 1979 година Esteghlal бил познат како "круна" и тесно поврзан со Пахлави династијата која владеела со земјата од 1925, особено со Мохамед Реза Шах кој играл кус период како напаѓач во Швајцарија додека бил на студии.

Клубот имал голема поддршка од монархијата и бележел големи успеси во 60-те и 70-те. Откако се случила револуцијата, клубот преминал во рацете на Исламскиот режим и бил преименуван во Esteghlal што значи независност.

Многу навивачи во Иран сметаат дека главниот град и можноста да играат и тренираат во државниот спортски комплекс, за Esteghlal и Persepolis е голема предност во однос на тимовите од другите градови, но и нефер однос.

Во сезона 2013-2014 шампион во Иран стана Foolad FC. Клубот се наоѓа во близина на границата во Ирак во пустинскиот град Ахваз. Нивната освоена титула ги ослабе позициите на клубовите од Техеран и со тоа малку почна да се демократизира лигата.

Во Иран има и втора лига, а таму на четирите клубови Petrochimi Tabriz, Machine Sazi Tabriz, Foolad Yazd и Iranjavan Busheh, тренер им беше македонскиот стратег Зоран Смилевски кој го водеше и прволигашот Naft Masjed-soleyman.

17 јуни 2014 - 11:01