Многу талентирани деца сме објавувале низ годиниве и не постојат теоретски шанси да се сетиме, кој сè се нашол во Офсајд. Некои деца „сме ги израснале“.
Како на пример Ленарт Карл. Кој би погодил дека баш тој 11 годишник на Ајнтрахт Франкфурт кој направи магија во сала, денес ќе го величаме како најмлад стрелец кој успеал да постигне три гола по ред за Баерн во ЛШ.
Ист е случајот со Рајан Черки кој во јуни годинава направи голем трансфер од Лион во Манчестер Сити. Синоќа им кршеше кичми на фудбалерите на Реал и тоа среде Бернабеу.
Погледнете во видеото кое сме го објавиле од него во јануари 2019-та, кога имал само 15 години и бил член на Лион У-19. Од Нејмар го прави овој потег појако.
Веќе следниот јануари доби шанса во прв тим во куп натпревар и стана најмлад стрелец на Лион со само 16 години и 140 дена.
На гостувањето против Нант, кое Лион го доби со 3:4, Рајан учествуваше во сите четири гола. Два даде, два асистираше и плус изнуди пенал кој Дембеле не успеа да го реализира.
Деца на 16 години уште се собираат во школски двор за фудбал, а тој решаваше натпревари и дриблаше како лудак дупло постари од него. Клип од тој дуел одигран во јануари 2020-та.
Истата година, но во месец септември на стартот од новата сезона, Руди Гарсија знаеше многу добро на каков талент му дава шанса. Пак излуде тројца играчи со нереално брзи потези. Овој пат на мечот против Монпеље.
Инаку Черки е дете на Лион од 7 години сметано за еден од најперспективните играчи кои некогаш биде дел од нивната школа. Манчестер Сити нема зима со него.
Според потеклото можеше да избере да игра за Алжир или Италија, но тој сепак се реши да ја претставува родната земја Франција, за која веќе има четири меча, а претходно настапуваше и за У-21.