
Роберт Просинечки во интервју за шпанскиот весник ABC зборуваше на повеќе теми и правеше споредба на сегашните времиња, со оние кога тој везеше со топката.
Вели дека играчите порано повеќе уживале во фудбалот, а денес не се толку фокусирани поради социјалните мрежи, парите и другите модерни работи.
„Во наше време немаше многу размислување. Немаше толку многу работи што ве одвлекуваат, немаше социјални мрежи, видеа, ТикТок...Следниот ден читавме весник и тоа беше главно сè“.
Европскиот шампион од 1991 година со Црвена Звезда, играч од средниот ред на Реал Мадрид и Барселона и учесник во ЛШ со Динамо Загреб, рече дека играчите тогаш немале толку многу маркетинг. Тој истакна дека толку многу го сакал фудбалот што би го играл бесплатно.
„Да можев, ќе продолжев да играм. Денес сè уште има многу таленти, но во наше време се забавувавме многу повеќе“.
Запрашан за Лука Модриќ, кој ова лето се пресели од Реал Мадрид во Милан, тој рече дека можеби игра за забава, но „тоа не е општиот тон“.
„Не би сакал да го поврзувам неговиот трансфер за пари. Роналдињо заработи многу пари и беше еден од оние кои се забавуваше додека играше“.
Просинечки освои бронзен медал со Хрватска на Светското првенство во 1998 година, и даде гол во победата од 2-1 над Холандија во натпреварот за третото место.
„Бевме добра генерација. Земја со население од околу 4 милиони луѓе заврши трета на своето деби на Светското првенство“.
Во однос на споредбата на генерацијата со Давор Шукер, Ѕвонимир Бобан, Игор Штимац, Славен Билиќ и Роберт Јарни со онаа што го освои сребрениот медал на СП 2018 година, тој одговори:
„Не знам дали бевме најдобрата генерација бидејќи онаа со Ракитиќ, Модриќ и Манџукиќ беше второпласирана во светот. Нè надмина.“
Просинечки моментално е без договор откако беше отпуштен од црногорската репрезентација по поразот од 0-4 од Хрватска овој месец.