Најголемата клупска икона по Диего Марадона, Словакот Марек Хамшик после 519 рекордни натпревари и 121 рекорден гол, се поздрави со градот кој го сака како свој.
Капитенот на словачката фудбалска репрезентација оди во Кина, во клубот Далиан Јифанг. Потпишал 3-годишен договор. Наполи добил 15 милиони евра а Марек (31) ќе добива 9 милиони евра плус бонуси годишно.
Пред неколку дена овој кинески клуб сакал да ги ангажира Чиро Имобиле и Белоти за 60 милиони, но Лацио и Торино одбиле. „Марекиаро“ (така се вика неговата биографска книга и така го викаат во Неапол), го носеше бројот 17 на дресот од почеток на кариерата на „Сан Паоло“ до крај и беше пример за верност.
Во Неапол свои мурали имале само Марадона и Хамшик. Марек во градот под Везув дојде во сега веќе далечната 2007 и после 12 години заминува како лидер и идол.
Последниот меч во неговата кариера во Наполи го одигра во саботата, против Сампдорија (3:0), а дресот од тој меч му го подарил на неговиот добар другар и поранешен капитен и соиграч (7 години) од Наполи Паоло Канаваро (брат на Фабио).
Останува жал што верноста не ја круниса со толку посакуваното скудето. Со „Аѕурите“ освои Куп на Италија во 2011/12, 2013/14 и Суперкуп на Италија во 2014.
Во 2008-ма го одбраа за најдобар млад фудбалер во Италија. Три пати го бираа во тимот на сезоната од Серија А (2010/11, 2015/16, 2016/17). Најдобар асистент во лигата беше во 2012/13 и 2014/15.
Дури седум пати е биран за најдобар словачки фудбалер на годината.
Рекордер е по бројот на голови во историјата на Наполи: 121 и рекордер е по бројот на настапи за Наполи (520) и репрезентацијата на Словачка (111).