Петарда на Сити во Белгија, гол даде ново дете на Пеп

Во првите дуели од 3. коло од групната фаза на Лига на шампиони, Манчестер Сити го растури Клуб Бриж на гости со 1:5, а Спортинг Лисабон го декласираше Бешикташ среде Истанбул 1:4.

Манчестер Сити после поразот од ПСЖ во претходното коло имаа должност да освојат три бода во Белгија, па од старт тргнаа фуриозно.

До полувремето имаа еден куп шанси, два гола им поништија поради офсајд, а на паузата имаа водство 0-2. До крајот од мечот Сити постигна уште три и славеше убедливо 1:5.

Момент на мечот беше голот на 19-годишниот Кол Палмер кој влезе во игра заедно со Рахим Стерлинг со кого правеа дар-мар во домашната одбрана.

Интересно е што 19-годишниот Кол Палмер постигна дебитантски гол за првиот тим на Сити и тоа само 114 секунди откако влезе во игра од клупата. Ова е втор меч во Лига на шампиони за Палмер кој лани играше 8 минути на мечот со Марсеј кој Сити го доби 3:0.

Што е уште пофасцинантно, Кол Палмер минатиот викенд влезе од клупата на меч од Премиер лига против Барнли (2:0), а истата вечер после неколку часа играл натпревар од Премиер Лига 2 и постигнал хет-трик против вториот тим на Лестер.

КЛУБ БРИЖ - МАНЧЕСТЕР СИТИ 1:5 (0:2)
/Ванакен 81' - Жоао Кансело 30', Ријад Марез 43' пен, 84', Кајл Вокер 53', Кол Палмер 67'/

Во вториот меч кој почна во ист термин, Спортинг Лисабон како гостин го понижи Бешикташ со 1:4 а дури четири гола паднаа во првиот дел.

По стартните два порази на клубот од Португалија, ова е прв триумф и први три бода во групата во која се уште и Ајакс и Борусија Дортмунд.

БЕШИКТАШ - СПОРТИНГ ЛИСАБОН 1:4 (1:3)
/Ларин 24' - Коатеш 15', 27', Сарабија 44', Паулињо 89'/

 

19 октомври 2021 - 21:56