Знаеме за примери кога деца паѓале година во школите, затоа што секоја ноќ местеле формација со некој второлигаш кој сакале да го внесат во прва лига на игрицата Football Manager (на времето Championship Manager). Знаеме и за бесни родители кои ги фрлале каблите од компјутерот, затоа што нивните деца по 24 часа виселе пред мониторотот и играле менаџер.
Приказната со Алесандро Коломбини е попозитивна од горенаброените. Пасионираниот Коломбини играл со Дери Сити од Северна Ирска и успеал да освои неколку трофеи со овој тим на Менаџер.
Омилен играч низ сезоните му бил напаѓачот Патрик Мекелејни. Toлку му станал драг што решил да отпатува во С. Ирска и да го запознае во живо. Од Ливорно стигнал на време за мечот Дери Сити - Лимерик кој се играл на стадионот Брендивел.
По средбата дошол до соблекувалните и го чекал идолот за да размени некој збор со него, да се фотографира и да земе автограм.
„Патрик гледаше во мене како да сум вонземјанин. Мислеше дека сум луд. Сакав да го запознаам после мечот и да му кажам колку е добро направен на Фудбол Менаџер. Му кажав дека сум од Италија и дека одлично игра и во живо. Не знам дали знаеше како да реагира, но ми даде автограм и поразговаравме“, изјавил Алесандро Коломбини од Ливорно.
Момчето се вљубило во Дери Сити откако на 16 години ја прочитало книгата за Крвавата недела и настаните во Британија. По три сезони во кои ја освоил и Лигата на шампионите со Дери Сити, Алесандро на играта добил повик да ја води Рома. Вели дека прифатил. Едно е сигурно, сега нема да мора да патува далеку за автограми.