По подолго време конечно почнува да се шири позитивна атмосфера и оптимизам околу македонскиот фудбал. Новото раководство за кратко време успеа да внесе доза на оптимизам кај македонските фудбалски фанови.
Првиот и многу значаен чекор беше назначувањето на новиот селектор кој барем за сега се чини дека знае како да си ја врши работата и ја има поддршката од ФФМ, фудбалерите, медиумите и од навивачите.
„Со Чедомир Јаневски, најпосле добивме вистински човек за предводник на националниот тим", изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
„Атмосферата е одлична, а залагањето е на највисоко ниво. Одработевме многу тактички тренинзи, како што досега мислам дека никогаш не сме работеле и навистина подготвено го очекуваме овој меч", изјави капитенот Горан Пандев.
Овие две изјави можеби звучат навредливо за сите претходни селектори на Македонија, но влеваат надеж дека конечно и ние можеме да се радуваме на нашата репрезентација.
Стартуваме со Хрватите. Репрезентацијата на Хрватска е огромен фаворит на хартија. Тие се поискусни, поскапи, подобро рангирани... но на теренот овие работи не важат. Во минатото сме надиграле и изненадиле и подобри репрезентации, па зошто не и Хрватите?
И тие на клупата имаат дебитант, но разликата е што во Хрватска никој нема верба во Штимац. На генералната проба тие доживеаја дебакл од Швајцарија, а ова е вистинскиот момент за Македонија да им нанесе уште еден удар.
Во минатото Македонија и Хрватска се имаат сретнато шест пати. Три пати победиле Хрватите, еднаш Македонија, а два натпревари завршија нерешено.
Квалификации за ЕУРО 2000:
14.10.1998 Хрватска - Македонија 3:2
06.05.1999 Македонија - Хрватска 1:1
Квалификации за ЕУРО 2008:
24.03.2007 Хрватска - Македонија 2:1
17.11.2007 Македонија - Хрватска 2:0
Пријателски:
09.02.2003 Хрватска - Македонија 2:2
28.04.2004 Македонија - Хрватска 0:1
Натпреварот ќе се одигра на стадионот Максимир во 20.15 часот, а правдата ќе ја делат судии од Израел.