Норвежанец даде 9 гола на меч од младинско Светско првенство

Јадни млади репрезентативци на Хондурас, само што ќе ја изведеле од центар, примале гол. Најголемиот бисер на норвешкиот фудбал, центарфорот кој од Молде потпиша со австриски РБ Салцбург броел до 9.

Во сенка на илјадниците извештаи, фотографии, видеа и статии за финалето на Лига на шампиони, во Полска се игра Светско првенство за играчи до 20 години. Само што завршува групна фаза а веќе има многу занимливости.

Во последното коло од групата Ц играа Норвешка и Хондурас. Двете репрезентации не освоија ниту бод во првите свои дуели против Уругвај и Нов Зеланд, но една од нив се уште можеше да се надева дека на крај ќе биде најдобра третопласирана селекција (4 од 6 најдобри трети одат во плејофот).

И замислете, Норвешка победи со 12:0! Што е уште полудо: напаѓачот Ерлинг Холанд постигнал 9 гола на овој меч.

Го памтите сигурно чувството кога сте играле во маало а голови давал самое ден човек? Епа тоа им се случило на младите репрезентативци на Хондурас У-20. Холанд првиот гол го дал во 7’ минута а до крајот на првиот дел постигнал четири погодоци. Давал голови од близина, од крило, избегнувал офсајд замки и изнудувал пенал кој сам го реализирал.

Како успеале луѓето од ФИФА да сместат 12 гола во 2 минутно видео, алал да им е:

На играчите на Хондурс не им било нималку пријатно, а двајца фудбалери добиле црвени картони и предвреме го напуштиле теренот.

Норвешка и Ерлинг срушиле 2 рекорди:

- Ова е најголема победа во историјата на Светското првенство за играчи до 20 години,

- Холанд го сруши рекордот на Бразилецот Адаилтон кој во 1997-ма година дал 6 гола против Јужна Кореја на СП У20.

Можно е овие голови да и помогнат на Норвешка да се пласира во нокаут фазата. Во три групи веќе се одиграа сите натпревари, а во две од нив репрезентациите кои се на трето место имаат повеќе бодови од Норвешка.

За Норвежаните да одат понатаму треба да се исполнат неколку услови: Панама да не освои бодови со Саудиска Арабија, Кореа или Португалија да изгубат во дуелите со Аргентина и Јужна Африка. 

Сосема извесно Холанд ќе стане најдобар стрелец на Мундијалот, без разлика што на првите два меча не дал гол. Зад него со по 3 постигнати гола се Амаду Сања од Сенегал и Хуан Ернандез од Еквадор.

*****

Ерлинг Холанд е роден во Англија. Татко му Алф Инге Холанд во тоа време играл за Лидс Јунајтед (а уште и за Манчестер Сити и Нотингем Форест).

Со фудбал малиот Ерлинг почнал да се занимава во Молде, а минатата сезона (2018-та), Оле Гунар Солскјер го прекомандувал во првиот тим. Ерлинг имал одлична статистика: 25 меча и 12 гола во првенството на Норвешка (трет стрелец во лигата) и уште 4 гола на 5 меча за Молде во Лига Европа.

Изминатава зима Холанд премина во Ред Бул Салцбург за 5 милиони евра (во Австрија одамна го следеле фудбалерот уште пред 2018). Во австриската лига тој не е толку сјаен како во Норвешка: има 1 гол на само 2 меча, но после вакво Светско првенство сигурно ќе добие повеќе шанса.

31 мај 2019 - 14:43