Не смееме да изгубиме во Шкотска

Фудбалската репрезентација на Македонија денес во Глазгов ги продолжува натпреварите од квалификациите за Светското првенство во 2014-та година. Од Шкотска не смееме да се вратиме поразени и да ја загубиме надежта по само две одиграни квалификациски средби.

Во Хрватска незаслужено загубивме, но добивме самодоверба. Македонските фудбалери одиграа дисциплинирано и храбро и ја вратија вербата кај фановите дека конечно имаме солидна фудбалска репрезентација.

Но гладни за успех се и Шкотланѓаните. Репрезентацијана на Шкотска отсекогаш е незгоден противник за сите велесили, но тие не успеваат да се пласираат на едно големо натпреварување уште од Светското првенство во 1998-та година.

Шкотланѓаните се секогаш фаворити на нивниот терен во Глазгов. Тие се фаворити и на хартија гледајќи ја ФИФА ранг листата каде се подобри од Македонија за 50 места. Фаворити се и според кладилниците. Но и Хрватите беа уште поголеми фаворити, па на теренот не се виде голема разлика.

На минатиот дуел во Шкотска одигравме солидно прво полувреме, но загубивме во вториот дел. Тоа е вечниот проблем на македонските репрезентации и проблем на кој Јаневски мора да му обрне внимание. А Шкотска не е непобедлива. Тоа и самите го знаеме од оној натпревар пред четири години кога ги совладавме со голот на Илчо Наумоски.

Правдата на натпреварот кој стартува во 21 часот ќе ја делат судии од Русија, а во нашата група уште се среќаваат и Србија-Велс и Белгија-Хрватска.

11 септември 2012 - 10:21