Поранешниот германски репрезентативец зад себе има 15 годишна фудбалска кариера, но според изгледот неговите фанови веројатно ќе го гледаат во боречки рингови.
Наместо повторно да ги облекува фудбалските ракавици американската боречката организација WWE му понуди да стане кечер, а претходно да мине низ едногодишен тренажен процес на Флорида.
„Имам официјална понуда, а тоа е да работам како кечер. Ќе размислам за понудата, не гледам причина зошто одма да ја одбијам. Тој спорт е многу популарен особено во САД, така што ќе се сретнам наредната недела со мојот агент и ќе разговарам“, вели Визе.
Неговата кариера почна во Фортуна Келн, а потоа настапуваше во Кајзерслаутен. Во периодот од 2005 до 2012 година оствари 194 настапи за тимот на Вердер, а ова лето изјави дека потоа пропуштил шанса да замине во Реал Мадрид и да му биде замена на Касиљас.
Наместо во Шпанија, останал во својата земја и потпишал за Хофенхајм каде станал капитен, но потоа ја загубил формата, а првотимскиот статус му припаднал на Еурељо Гомез од Тотенхем.
Последните мигови во Хофенхајм ги раскажува како хорор приказна, поради тоа што морал да трпи жестоки критики од навивачите, а од јануари оваа година останал и без договор. Визе кој беше дел од Мундијалот во 2010, драстично е набилдан и сега тежи 115 килограми.