Верата па трансферот
Партизан лани требаше да го купи Бразилецот Маркињос од Ал Наср, а работата била за брзање бидејќи требале да играат Лига на шампиони. Трансферот го стопираше газдата на клубот од Дубаи, бидејќи тие денови се славеше муслиманскиот празник Рамазан.
Стоп за Ди Стефано на Камп Ноу
За легендарниот Алфредо ди Стефано во 50-те се бореле ривалите Барселона и Реал Мадрид. Тој имал договор со Ривер Плејт, но во 1953-та договорил трансфер во Барселона. Иако ФИФА тоа го потврдила се вмешал шпанскиот фудбалски сојуз за да го саботира случајот. Интервенирал генерал Франциско Франко, а сојузот донел забрана за купување странци за да ја спречи Барселона. Потоа бил направен договор во четири години тој да игра малку за Реал, малку за Барса. Нормално, тоа не се случило, Ди Стефано играше само за Реал.
Трансфер за доградба на соблекувалната
Поранешниот ирски репрезентативец Тони Каскарино кој има играно за Олимпик Марсеј, Челси, Селтик и кој ја заврши кариерата во 2000 година нема шанси да го заборави првиот трансфер во кариерата. На 19 години англискиот клуб Кронкехил го продаде во Гилинген за 1.000 керамиди. Толку им требало за да ја покријат соблекувалната. Потоа Каскарино е продаден за 800.000 фунти.
Трампање играч за спортска опрема број 1
Легендарниот стопер на Манчестер Јунајтед, Гери Палистер е еден од играчите која ја создаваа шампионската генерација под водство на Фергусон. Кариерата ја почна во нисколигашот Билингем кој потоа го продаде во Мидлсброу за шест дресови, вреќа со топки и мрежа за гол. По пет години Јунајтед за него плати 2,3 милиони фунти и тоа било рекорд за еден дефанзивец во тоа време.
Трампање за спортска опрема број 2
Зет Најт кој има играно и за селекцијата на Англија во 1999 година направи трансфер од Рашал Олимпик во Фулам за 30 пара тренерки. Толку имал да даде газдата за играчот кој потоа Астон Вила го купи за 3,5 милиони фунти.
Трампање за спортска опрема број 3
Аргентинскиот напаѓач Франко ди Санто во 2008 година направи трансфер во Челси за 3,4 милиони фунти и не постигна ниту еден гол. Претходно чилеанскиот клуб Аудакс Италијано го купил од родната Мендоза каде играл за локален аматерски клуб и дал за него две мрежи и 40 литри боја. Од 2013 година член е на Вердер и стрелец на 17 голови.
Го продале за храна
Кенет Кристенсен играл како напаѓач во норвешкиот третолигаш Виндбјарт. Кога во 2002 година пристигнала понуда за трансфер го понудиле за шкампи. Купецот имал само еден услов, шкампите да тежат колку играчот и договорот одма бил постигнат.
Топџијата кој го купувале со тегови
Јан Рајт е еден од најдобрите напаѓачи на Арсенал кој од 1991 до 1998 година даде 184 голови за топџиите. Фудбалерот со потекло од Јамајка играше за Англија и на Светско, Арсенал за него плати 2,5 милиони фунти, а Гринвич Бороу го има купено за сет од неколку тегови за теретана.
Трансфер за пиво
Ерни Бленкишоп во 1921 година направил трансфер од Кадворт во Хал Сити за 100 фунти и буре со пиво. Тоа се исплатело бидејќи станал еден од најдобрите бекови во Англија, стигнал и до репрезентација, а неговите екс играчи биле пресреќни што имале пиво за неколку недели.
Реактивирање на 50 години
Славниот Сократес со големи успеси играше за најславните бразилски клубови Коринтијас, Сантос, Фламенго и Ботафого од 1974 до 1989 година, а потоа и за Фиорентина но таму не му се допадна. На листава се наоѓа затоа што 15 години откако отиде во пензија прифати позив од англиската екипа Гартфорт Таун. На 50 години се спакува и замина од Бразил за Англија. Го облече дресот, поигра 12 минута, побара замена и се врати дома да се занимава со политика. Сократес има 60 настапи и 22 гола за Бразил.