На јака ретро фотографија налетавме

Лево Владимир Југовиќ, десно Ален Бокшиќ. Легенди на едно незаборавно време. Се враќаат од Токио, после освојување на Интерконтиненталниот Куп 1996.

Сезоната со сигурност е 1996/1997, бидејќи тоа е единствената во која Ален Бокшиќ го носеше дресот на Јувентус. Владимир Југовиќ играше две сезони (1995-1997).

Југовиќ направи трансфер во Јувентус од Сампдорија, а Бокшиќ од Лацио. Тренер се знае, Марчело Липи. Не поминаа воопшто лошо, напротив во една сезона освоија Скудето, Интерконтинентален Куп (денес Светско клупско првенство) и Супер Куп на Европа.

За малку не славеа и четврти трофеј, а тоа е Лигата на шампионите каде стигнаа до финале и загубија 3:1 од Борусија Дортмунд во Минхен.

Хрватот не стана шампион на Европа, но Србинот успеа претходната сезона и тоа со неговиот одлучувачки пенал за 4:2 против Ајакс. Влезе во игра место Конте.

Финалето се играше на Олимпико во Рим и заврши 1:1, а потоа во таборот кај италијанскиот шампион, сите четворица погодија од белата точка. Другите тројца се Ферара, Песото и Падовано. Кај Ајакс прв го избеде пеналот Едгар Давидс и го промаши.

Инаку во следното финале во ЛШ, Бокшиќ играше во напад до 88 минута заедно со Виери и му асистираше на Дел Пјеро за голот. Натпреварувањето го заврши како прв клупски стрелец со 4 гола. Во Серија А постигна 3.

Бокшиќ и Југовиќ не заиграа заедно за репрезентација на Југославија. Ивица Осим не го стави на список Србинот на Мундијалот во Италија, а Хрватот го повика на 20 години, но не го пушти ниту минута во игра. Предност им даде на поискусните Златко Вујовиќ и Дарко Панчев.

Бокшиќ има 40 настапи и 10 гола за Хрватска. Играше на ЕП 1996, но го пропушти Светското 1998 поради повреда, а тоа беше голем пех за Чиро Блажевиќ кој не можеше да ги комбинира во дуо со Давор Шукер. Мундијалското деби го имаше во 2002-ра на 32 години.

Југовиќ пак ги одигра сите натпревари за Југославија на СП 1998, а Вујадин Бошков го повика за ЕП 2000, без разлика што ги пропушти квалификациите поради повреда. Дебитираше во 1991-ва против Чехословачка.

Бокшиќ и Југовиќ ќе останат дел од она незаборавно и секогаш недораскажано носталгично време за фудбалот на овие простори. Едниот почна во Хајдук Сплит, а другиот со Црвена Ѕвезда каде стана европски шампион. Легенди.

14 ноември 2023 - 10:04