На 82 години се одјави големиот Пеле

После тешко боледување и откако со години страдаше од сериозни здравствени проблеми, Пеле во 3:27 часот напладне по локално време починал во болница во Сао Пауло каде бил хоспитализиран поради влошување на состојбата.

Легендарниот бразилски фудбалер и единствен во историјата со три светски шампионски титули, пред еден месец бил хоспитализиран поради влошена состојба со рак на дебелото црево како и со бубрежна и срцева инсуфиенција.

Кон крајот на ноември Пеле бил примен на една од клиниките во Сао Пауло. Подоцна му била дијагностицирана и респираторна инфекција.

Како што пренесува Ројтерс, повикувајќи се на Folha de Sao Paulo, хемотерапијата престанала да му делува.

Лекарите во текот на цел декември му пружале на Пеле само палиативна нега, му помагале да се носи со симптомите (на пример, се борел со краток здив), но не можеле да ја добијат битката со другите болести.

Пред крајот на декември, семејството кое постојано било до него, соопштуваше дека состојбата е крајно влошена. На 24. декември ќерка му, Кели Насименто објави видео на кое се гледа како најблиските стојат до неговиот кревет и се поздравуваат.

ПЕЛЕ СЕ НАМАЧИЛ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ

Во мај 2015-та година, O'Rei (Кралот, како што го викаа во Бразил) имал операција на простата. Претходно пател од инфекција на уринарниот тракт и камен во бубрег. Тогаш се минало без поголеми проблеми, Пеле брзо се опоравил, а неговиот пријател, Хозе Родригез ја уверувал јавноста:

„Беше тоа едноставна, рутинска процедура. За пар дена Пеле ќе му се врати на нормалниот живот“.

Во 2019-та му се вратила инфекцијата, но тогаш му помагале антибиотици. Ситуацијата му се влошила во февруари 2020-та. Син му Еду за Ројтерс тогаш раскажал дека здравјето на Пеле е ослабнато и дека тој не сака да излегува од дома за другите да не гледаат колку е беспомошен.

Најголемиот на сите времиња според многумина, често се појавувал во јавност во инвалидска количка а болките му станувале сè посилни.

Во септември 2021-ва во болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Пауло, на Пеле му дијагностицирале рак на дебело црево и успешно го оперирале. После неколку дена одново го хоспитализирале поради кислороден рефлукс.

На 29. декември 2022-ра, ќерка му објави жална вест на својот Инстаграм: „Сè она што сме е благодарение на тебе. Бескрајно те сакаме. Почивај во мир“.

*******************************

Едсон Арантес до Нашименто, скратено Пеле е роден на 23 октомври 1940-та. Првпат заиграл професионално фудбал на свои 15 години а само една година подоцна дебитирал со 16 во најсилната репрезентација на светот.

Во неверојатната кариера, Пеле постигнал 1.281 гол на 1.363 натпревари. Тој важи за најдобриот играч на сите времиња. Рекордер е ден-денес и како најмлад освојувач на Светско првенство.

Бразилскиот виртуоз се наоѓа високо на вечната листа најдобри стрелци на сите времиња. Кралот освои три Светски првенства: 1958, 1962 и 1970. Во 14-годишната репрезентативна кариера постигна 77 гола на 92 меча за Бразил.

Тој е еден од само тројцата во историјата што постигнале гол на дури четири Мундијали! Во 1977-ма година се простил од фудбалот.

Возрасните генерации ден-денес раскажуваат за она што го правел Пеле на Светското 1970-та во состав со неверојатните Карлос Алберто, Жаирзињо, Жерсон, Тостао и чудесниот Ривелињо.

Легендарната 10-ка на жолт дрес стана најкултниот спортски предмет во историјата.

29 декември 2022 - 20:58