Лотар Матеус синоќа гостуваше на Националната арена во Скопје во улога на стручен коментатор на РТЛ, ама не му беше лагодно па го покриваа со ќебе.
Германскиот тв гигант за квалификацискиот мундијалски меч против Македонија допатува со шест камиони опрема и технички персонал од 110 луѓе, а на трибина монтираа студио во кое гостуваше легендата.
Матеус е освојувач на Светското 1990 и Европското 1980 и до пред три години беше рекордер со пет мундијалски учества (1982, 1986, 1990, 1994, 1998).
Тој е рекордер и со 150 настапи за селекцијата на Германија, освојувач на Златната топка, како и единствен Германец кој е прогласен за најдобар играч во светот според ФИФА. Двете признанија ги доби во 1990-та и 1991-ва.
Најголемите клупски успеси ги постигна со Баерн Минхен со кои освои 7 шампионски титули, Куп на УЕФА и национални купови, а со Интер има Скудето, Куп на УЕФА и Суперкуп на Италија.
Матеус се проба и како тренер и селектор, но безуспешно. Ги водеше Рапид Виена, Партизан, Атлетико Паранаенсе и Макаби Натанија, како и селекциите на Унгарија и Бугарија.