Малдини го продолжи наследството и запечати уникатна фудбалска историја

Дебито на Даниел Малдини за селекцијата на Италија испишува ново поглавје од невидена спортска и човечка приказна. Еден ден ќе биде раскажана во енциклопедија, бидејќи книгата не е доволна за историски момент со ваква тежина.

Три генерации обоени во сина боја. Чезаре, Паоло и Даниел Малдини запишаа фамилијарна, италијанска и светска фудбалска историја која се случува за прв пат.

На 20 јануари 1985-та во Удине во Серија А дебитираше Паоло Малдини. Нецели 40 години подоцна или поточно на 14 октомври 2024-та на истиот стадион за прв пат во дресот на Италија, се појави син му Даниел.

Горди на својот син, дебито му го гледаа од трибина, а влезот на терен мајка му го овековечи со телефон.

Оваа невидена историја за фудбалот ќе остане запишаната со следните факти:

- 6 јанаури 1960, деби на Чезаре Малдини (Италија - Швајцарија)
- 31 март 1988, деби на Паоло Малдини (Југославија - Италија)
- 14 октомври 2024, деби на Даниел Малдини (Италија - Израел)

Инаку Даниел одлично се вклопи на терен пред внимателниот поглед на неговите родители и учестуваше со прекрасен пас на четвртиот гол. Влезе во 73-та минута, а голот за 4:1 падна само 5 минути подоцна.

„Ова беше голема возбуда за мене. Среќен сум што моите родители дојдоа да ме гледаат. Дебито им го посветувам на мојата фамилија, пријателите и сите што ме сакаат“, изјави Малдини најмладиот.

 

15 октомври 2024 - 09:20