Името на Анхел Кореа е поврзувано со повеќе големи европски клубови помеѓу кои се Арсенал и Атлетико Мадрид, но тој во блиска иднина нема да смее да направи никаков трансфер.
Одлуката за одземање на регистрацијата со што тој не може да премине во друг клуб, ја донесе аргентинскиот суд по еден прислушкуван телефонски повик помеѓу агентот на Кореа и член на нарко бандата "Los Monos" (мајмуните).
Според судот, организираната криминална група поседува дел од правата на фудбалерот и заработува од неговите успеси.
Аргентинскиот фудбал, како и во повеќето други земји во Јужна Америка меѓу кои и Бразил, дозволува независна трета страна да му помогне финансиски на еден клуб при купување на фудбалер.
Кога една личност, група или компанија ќе инвестира во играч, тие стануваат сопственици на дел од неговите акции и во иднина можат да заработат при евентуален трансфер.
Во случајот на Кореа, фудбалскиот клуб Сан Лоренцо плати 60% од трансфер сумата, 30% и припаѓаат на уругвајска компанија, а останатите 10% беа финансирани од непознат инвеститор. Токму зад овој инвеститор - „дух", аргентинските власти се сомневаат дека стојат нарко банди.
Цената на големиот аргентински талент постојано расте и се претпоставува дека заинтересираните клубови за него треба да платат околу од 7 до 10 милиони долари. Тоа значи дека нарко бандата од неговиот трансфер би заработил околу милион долари, но во моментов неговата судбина е неизвесна.