Преостанаа само уште 11 празни места за Светското првенство во Бразил. Четири од нив ќе пополнат репрезентации од Европа, пет од Африка и две места ќе се пополнат по интерконтиненталнот плејоф.
Европа
Од деветте второпласирани репрезентации по групите, најлоши резултати имаше Данска, па во плејофот се пласираа Хрватска, Португалија, Грција, Шведска, Франција, Украина, Романија и Исланд.
Извлекувањето на паровите ќе се одржи на 21 октомври, натпреварите ќе се одиграат на 15 и 19 ноември.
Африка
Плејофот во Африка веќе започна откако во претходните две рунди беа елиминирани 42 репрезентации.
По првите натпревари, Брегот на Слоновата Коска го победи Сенегал со 3:1, Нигерија славеше на гостувањетп кај Етиопија со 1:2, Тунис и Камерун одиграа без голови, Гана го декласираше Египет со 6:1, а Буркина Фасо го победи Алжир со 3:2.
Реваншите ќе се одиграат од 16 до 19 ноември.
Интерконтинентален плејоф
Мексико имаше огромна среќа и се пласираше во плејофот благодарение на победата на САД над Панама во судиското продолжение. Нивниот противник во баражот ќе биде Нов Зеланд.
Петто-пласираниот тим од квалификациите во Јужна Америка, репрезентацијата на Уругвај во плејофот ќе игра против претставникот од Азија, репрезентацијата на Јордан.