Кој е Карлос Еспи - новиот адут од сенка во Реал Мадрид?

Интересно Реал Мадрид го претстави новото засилување за екипата Карлос Еспи дури на 23-ти август иако тој потпиша договор на 30-ти јули а 24 часа пред промоцијата постигна победнички гол против Еспањол на гости за 1-2.

Реал Мадрид го претстави новото засилување иако тој веќе 1 месец е во клубот. Заедно во трофејната сала покрај највредните пехари 21-годишниот Карлос Еспи позираше со легендарниот претседател Флорентино Перез.

Договорот со Реал Мадрид важи 5 години, а напаѓачот кој го одбра дресот со број 19 веќе постигна победнички гол и почна да враќа за довербата.

На средбата против Еспањол во 2. коло од шпанска Ла Лига, Карлос Еспи влезе од клупата за резерви кога Жозе Мурињо му даде совети и го внесе во игра. Во 90' минута доскорешниот шпиц на Леванте постигна гол за победа 1-2 и голема радост!

На натпреварот против Еспањол за Реал Мадрид дебитираа официјално сите новајлии, и Бернардо Силва и Ибраима Конате, Дензел Думфрис, Марк Кукуреља, Јан Диоманде, но најголем впечаток остави токму Карлос Еспи, последниот од новајлиите кој влезе на терен наместо Џуд Белингем.

Реал Мадрид за Карлос Еспи на Леванте му плати 25 милиони евра.

ЛАНИ БЕШЕ НАЈГОЛЕМО ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА СЕЗОНАТА ВО ЛА ЛИГА

Карлос Еспи не играше многу во првиот дел од минатата сезона но веќе од јануари стана стандарден првотимец во Леванте и се изнадава голови како права гол-машина: 11 погодоци на 20 натпревари.

Тој буквално го спаси Леванте од пропаст иако екипата речиси цела сезона ја преседе во зона за испаѓање. Ги воодушевил сите па потпишале нов договор со откупна клаузула во висина од 25 милиони евра.

Реал Мадрид летово ја активираше таа клаузула. Без големи пречки, „кралевите“ го средиле трансферот за неколку часа. Притоа го продадоа досегашниот нивен бисер од својата школа, Гонзало Гарсија за 40-ина милиони евра во Фулам.

Новиот тренер Жозе Мурињо цело лето барал напаѓач од типот на некогашниот адут од клупата Хозелу и на крај го добил.

Еспи водел и преговори со Болоња и англиски Ипсвич но тие не сакале да платат 25 милиони евра. Потоа дошол Реал Мадрид а како што пишува шпански АС, напаѓачот рекол „да“ уште пред да му ги соопштат финансиските услови.

КОЈ Е КАРЛОС ЕСПИ?

Роден е во градот Тавернес де ла Валдиња, на 60-ина километри од Валенсија. Тој првпат тренирал фудбал во школата на локалниот клуб Алзира, а во летото 2022 преминал во Леванте. 

Во таа преселба во Леванте му помогнал агентот Пеп Серер кој го забележал талентот на напаѓачот на часови по физичко во Католичкиот универзитет во Валенсија каде учел фудбалерот.

После месец дена Серер и официјално му станал агент на фудбалерот и настојувал тој да продолжи да тренира во Леванте иако го барале и скаути од Алавес и Валенсија.

Но менаџерот по извесно време се разочарал и сфатил дека Леванте како да ги измамил. Еспи не играл воопшто а клубот ги одбивал барањата од други за позајмица на центарфорот. Во Карлос Леванте гледал резервен трет шпиц. Минатото лето менаџерот одново побарал трансфер но управата одбила.

А тој самиот сакал да докаже дека е достоен за место во првата постава. И не само што докажал туку стана и еден од најскапите излезни трансфери во историјата на клубот.

А необична е и приказната како нашол место во првиот тим. Имено Леванте влегол во конфликт и со другиот одличен напаѓач на екипата, Карл Ета-Ејонг за кого стигнале понуди на адреса на клубот во висина од 30 милиони евра но играчот не сакал да го напушти Леванте. Управата му наложила: трансфер или клупа. Така Ејонг решил да седи на клупа за резерви пола година а во тие пола година Карлос Еспи блесна на теренот.

Наводно руски ЦСКА Москва нудел 30 милиони евра за Ејонг.

ЕСПИ Е ХОСЕЛУ 2.0

Интересно 21-годишниот шпиц на Реал Мадрид личи во многу нешта на Хоселу, центарфорот кој пред неколку сезони правеше чуда од клупа за резерви и при секое влегување во игра даваше гол или повеќе голови.

Еспи е крупен шпиц како него, центарфор кој доминира во шеснаесетникот и често игра со глава. Еспи секогаш е фокусиран на завршницата но е мошне подвижен и многу корисен при кратки додавања. Може лесно да го користи своето тело за да го сочува поседот на топка, да ги задржи противниците и да изведе кратки додавања до соиграчите.

Карлос се истакнува со постојан влез во шеснаесетникот и паметно движење во потрага за шанса за гол. Тој е одличен „таргет-мен“, висок е 194 сантиметри и погоден е за игра во воздух, но истовремено и многу повеќе од пука статична мета.

Еден од потценетите аспекти на неговата игра е техниката: иако не е дриблер, тој импресивно се движи со топка и ефикасно го менува правецот на движење. Накратко, Реал Мадрид доби шпиц како што се Хоселу или Анте Будимир од Осасуна но само атлетски поспремен и поподвижен.

Како играч за ротација, Карлос е одлично засилување.

Причина за претпазливост лежи во фактот дека на врвно ниво одиграл само пола сезона. Се работи за млад напаѓач кој има простор за напредок, но на преселбите во толку големи клубови после краток но сјаен период секогаш треба да се гледа со одредена доза претпазливост.

25 август 2026 - 11:51