Италија на Манчини ги мина Шпанија и Бразил и се надмина себе си откако и официјално ја запечати неверојатната рекордна серија од 36 натпревари без пораз. Несовладливост која и нема успеано на ниту една друга фудбалска земја.
Ја почнаа со реми 1:1 против Украина на пријателски натпревар одигран на 10 октомври 2018-та, а рекордот го остварија без голови синоќа против Швајцарија.
Во серијата, Аѕурите играа пријателски средби, Лига на нации, Квалификации за ЕП и СП, како и Европското ова лето.
🚨 AZZURRI RECORD 🇮🇹
— ESPN FC (@ESPNFC) September 5, 2021
Italy now hold the men's international record for consecutive unbeaten matches 👏 pic.twitter.com/VedKvvH2gE
Скорот им е 29 победи и 6 нерешени, со импресивна гол разлика од 88 дадени и само 12 примени гола во три години.
Во Квалификациите за ЕП 2020 против аутсајдерите ја билдаа гол разликата со две победи против Лихтенштајн од 6:0 и 0:5, како и лудачки 9:1 над Ерменија.
Потоа во 2020-та остварија гостинска победа над Холандија, а на пријателска Молдавија ја здробија со 6 парчиња.
Оваа година го декласираа Сан Марино со седумка, а не успеа никој да ги совлада ниту на патот до трофејот на Европско, кој им беше претежок во нокаут фазата. По Австрија, следуваа три големи битки против Белгија, Шпанија и Англија.
Зад овој подвиг на Италија се Бразил и Шпанија со по 35 победи по ред. Бразилците во периодот меѓу 1993-та и 1996-та кога станаа светски прваци, а Шпанците меѓу 2007-ма и 2009-та кога беа први во Европа.
Во некои статистики кај Бразил може да се прочита бројот 36, но таму е ставен натпревар одигран против Б тимот на Романија одигран на 27 септември 1995-та со резултат 2:2, кој ФИФА не го смета за официјален.