Со понудената годишна плата од 1, 7 милиони евра, новиот претседател на италијанскиот фудбал, Карло Тавекио не ги задоволи барањата на поранешниот тренер на Јуве, по што во пресрет излегол спонзорот на сојузот, Пума.
Германската компанија се понудила да го плати остатокот, па така вкупниот износ кој ќе го зема Антонио Конте во 12 месеци изнесува 4 милиони евра, со што станува трет најплатен селектор во светот.
Тој ќе зема по 2 милиони евра од ФИГЦ и Пума, но сметката ќе ја наполни со многу пари на следните квалификации. Само за пласман на ЕУРО 2016 ќе земе дополнителни милион евра, потоа половина милион доколку стигне до финале и уште толку, ако во меѓувреме Италија стигне до петото место на ранг листата на ФИФА.
Фудбалската историја памети слични сценарија, во кои спортските компании им помагале на клубовите или репрезентациите за комплетирање на трансферот.
РОМАРИО (Пармалат)
Во 1996. година, односот меѓу напаѓачот на Селекао и неговиот клуб Фламенго не бил најдобар, затоа што Баиксињо (прекарот на Ромарио) не зел плата цели 4 месеци. Лутиот ривал на Фламенго, Палмеираш ја искористил ситуацијата и решил да го доведе Ромарио во своите редови.
Иако немале доволно средства, раководните луѓе на зелено – белите побарале помош од компанијата за млечни производи Пармалат, тогаш генерален спонзор на клубот. Директорот на италијанската фирма во Бразил, Хозе Карлос Бруноро потпишал пред – договор со кој на Ромарио му се исплаќале 100 илјади бразилски реали.
Само неколку месеци траела авантурата на Ромарио во Палмеираш, кој потоа замина во Валенсија.
ЛИОНЕЛ МЕСИ (Адидас 2013)
Како што пренесоа шпанските спортски медиуми, пред се’ Мундо Депортиво, минатото лето малку недостигало Адидас да се обиде да ја активира откупната клаузула на Аргентинецот.
Намерата на германскиот бренд била да го донесе Меси во некој од клубовите каде е главен спонзор (Реал Мадрид, Баерн или Челси).
Откупната клаузула на Меси е 250 милиони евра, при што Адидас имал замисла да даде дури половина од сумата (125 милиони) и на тој начин да му помогне на клубот кој би го донел Аргентинецот во своите редови.
Сепак Меси ја прифати понудата за нов договор со каталонскиот клуб, па така Адидас се повлече од намерата да направи “земјотрес“ во фудбалскиот свет.
ЏОВАНИ ТРАПАТОНИ – ИРСКА (2008)
Многу милионери се одлучуваат да купат клубови, а ирскиот гигант Денис О’Брајен во 2008. година се решил дел од своето богатство да го дава за плата на селекторот на Келтите. Освен што плаќал 50% за платата на стариот лисец Трапатони ( заработуваше 1, 2 милиони евра годишно), О’Брајен се одлучил да одвојува и за актуелниот селектор Мартин О’Онил.
АЛБЕРТО ЗАКЕРОНИ – ЈАПОНИЈА (2010)
Иако јапонската фудбалска асоцијација важи за една од најуредените и најбогатите во светот, голем удел во плаќањето на досегашниот селектор, Алберто Закерони имале спонзорите на селекцијата, Адидас, Ауди и пиварата Кирин.
Тренерот роден во Чезена заработувал 1, 8 милиони евра на годишно ниво, а по напуштањето на клупата на Јапонија, месецов се тркаше со Манчини и Конте за селекторската клупа на Италија.
ФАБИО КАПЕЛО – РУСИЈА (2012)
Астрономската плата од 9 милиони евра која Капело го издвои на врвот од листата најплатени селектори, стигна дури и до руската Дума. По неуспехот на СП во Бразил, каде Русија испадна по групите, некои пратеници во Парламентот јавно побарале Капело да ги врати парите.
НАФ е името на академијата основана од Роман Абрамович, која се грижи за развој на фудбалот во Русија и токму таа академија одвоила големи пари за примањата на Гус Хидинк, а сега и на Италијанецот, Фабио Капело.
И покрај критиките од јавноста, руската фудбалска федерација потпиша нов договор со кој Капело ќе ја води Русија во квалификациите за ЕП Франција 2016.