Ќе го поддржи ли Папата свештеничкиот фудбалски куп?

Познатиот фудбалски турнир на кој се натпреваруваат млади свештеници, минатата година остана без еден од најважните спонзори, а тоа е Ватикан. Зад турнирот кој го носи името „Клерикус Куп", се уште не е познато дали ќе застане Папата Франциск за кој веднаш дознавме дека е заљубен во фудбалот.

Со оглед на тоа што инаугурацијата на новиот Папа Франциск се случи пред само еден ден, многу е рано да се прогнозира дали големиот љубител на фудбалот и навивач на фудбалскиот клуб Сан Лоренцо од Буенос Аирес, ќе застане зад големиот меѓународен турнир кој се одржува во Ватикан.

Инаку минатата година државниот секретаријат на Светата Столица донесе одлука да го напушти турнирот со образложение дека наликувал како и на секој друг спортски настан, каде многу често навивачките групи си разменувале навредливи зборови.

Кардиналот и секретар Тарцисио Бартоне кој е познат како голем навивач на Јувентус лани изјави дека турнирот во чие основање учествувал, повеќе не ги промовира вредностите на црквата. Тој смета дека младите свештеници треба повеќе да се едуцираат и да научат што е респект и солидарност отколку да играат фудбал.

„Клерикус Купот" е меѓународен турнир основан во 2007 година на кој учествуваат ученици и студенти од целиот свет кој учат Теологија на Римокатоличните универзитети и колеџи. Тој нема никаква поврзаност со фудбалското првенство на Ватикан во кое учестуваат исклучиво луѓе кои живеат и работат на таа територија.

Правилата на игра се донесени од Италијански спортски центар кој се разликува од Италијанската фудбалска федерација и кои има донесено малку поразлични правила од вообичаените. Натпреварот трае 60 минути, а освен жолт и црвен картон, судијата има право да покаже и син картон со кој играчот мора да паузира 5 минути.

Купот наликува повеќе на лига која трае скоро половина година, а се натпреваруваат вкупно 16 екипи поделени во 2 групи. Рекорден број на учесници од различни земји имало во 2010 година кога во 16 екипи биле поделени млади свештеници од вкупно 65 земји.

20 март 2013 - 17:36