Хавиер Занети уште од 15 годишна возраст сакал професионално да се занимава со фудбал, но бил се уште млад за да потпише договор со некој клуб. За да спечали за џепаркал нашол работа како разнесувач на млеко, а работното време му стартувало со петлите во 4 часот наутро.
Но големиот талент од Буонес Аирес ја дочекал својата полнолетност и на 18 години ја почнал кариерата во аргентинскиот клуб Талерес. Потоа следувале уште 3 сезони во Атлетико Манфилд, но откако Масимо Морати станал претседател на Интер во 1995 година, на видео касети го открил неговиот талент.
Од тој момент веќе знаете речиси се за човекот кој како воз се пробива на теренот. За 18 години минати на „Џузепе Меаца" тој е апсолутен рекордер со 847 настапи за екипата на Интер, но и најмногу настапи, вкупно 145 за селекцијата на Аргентина. Занети има 603 настапи во Серија А, а само Паоло Малдини со 647 има повеќе од него.
Скудетото со Интер го освои 5 пати, во Купот на Италија триумфираше 4 пати, потоа еднаш во Купот на Уефа, а најуспешната сезона за него е тројната круна во 2010 година кога под водство на Мурињо, Интер славеше во првенството, Купот и Лигата на шампионите.
Најимпресивната работа кај него е константно добрата форма која ја има и на овие години, но и фер плејот на теренот. Занети за 18 години во Интер доби само еден црвен картон, одигра над 90% од натпреварите, а оваа сезона е стартер на 33 од вкупно 34 меча во Серија А. Бројки кои тешко може да ги достигне некој друг фудбалер.
Освен џентлменскиот однос на теренот, тој е голем човек и во приватниот живот. Со неговата сопруга Паула отворија фондација за борба против сиромаштијата во родната Аргентина, а пред 4 дена беше на прием кај својот сонародник, Папата Франческо на кој му подари дрес со бројот „4".
Веста за неговата тешка повреда во која ја скина тетивата ќе го оддалечи од терените минимум 6 месеци, а прогнозите се дека ќе може да заигра на почетокот на 2014 година. Но „Ил Капитано" не се дава, а во тоа најмногу го поддржа Франческо Тоти кој изјави дека сака да го види на следниот меч помеѓу Интер и Рома, затоа што само со него сака да го замени знаменцето кога ќе се ракува пред самиот старт.