Како Силва ја победи туберкулозата и стана капитен на Бразил

Тијаго Силва на 21 година одлучи да ја прекине кариерата по 6 месеци минати во болница заради туберкулоза. Две години подоцна тој стана репрезентативец, а денес е капитен со мисија да го подигне пехарот на Светското првенство во Бразил.

Во август 2005-та година, Порто го изгуби трпението со Тиаго Силва. Една година претходно, по преминувањето на Мурињо во Челси, португалскиот клуб го доведе бразилскиот дефанзивец во склоп на големата реконструкција на екипата која беше ослабена по заминувањата играчите откако изненадувачки ја освоија Лигата на шампиони.

Но Силва одигра само неколку натпревари за вториот тим на Порто, а неговиот проблем бил очигледен на теренот. Тој воопшто не можел да трча.

Веќе подолг период тој тврдел дека не се чувствува добро и се жалел на симптоми слични на грип, но лекарскиот тим на Порто не успеа да ја открие причината и 20-годишниот фудбалер беше испратен во Динамо од Москва. Дури во Русија тој дознал што не е во ред со него: имал туберкулоза и белите дробови му биле на раб на откажување.

Туберкулозата годишно убива милиони луѓе, главно во земјите во развој, а во поголемиот дел од Европа е скоро искоренета, но не и во Русија. Можеби токму тоа е причината што тамошните доктори успеале да го дијагностицираат она што не успеаа Португалците.

Силва дури 6 месеци лежел во болница, а два месеци го држеле заклучен и изолиран во болничка соба за да не се рашири заразата.

Кога се вратил во Бразил на неговата мајка и рекол дека се повлекува од фудбал, но таа успеала да го убеди да не се откажува.

Со помош на пријателите од клубот каде што израснал, во 2006-та, една година откако не одигра ниту еден натпревар, тој повторно доби шанса во Флуминенсе. Една година подоцна, тој го освои бразилскиот куп и беше стол на одбраната која прими 39 голови на 38 натпревари. Во 2008-та година Тијаго Силва премина во Милан за 10 милиони евра.

„Беше неверојатно. По сè она што поминав, добив шанса да играм за еден од најголемите клубови на светот и да се развивам во Серија А, лига позната по врвните одбранбени фудбалери", изјави Силва.

За репрезентацијата на Бразил дебитираше на Олимписките игри во Пекинг во 2008-та година, а Светското првенство во 2010-та година го гледаше од клупата за резерви, но по тој турнир беше промовиран во стартниот тим. Две години подоцна, тој беше избран за капитен на репрезентацијата.

Во меѓувреме Тијаго Силва стана најскапиот дефанзивец на светот со трансферот од Милан во ПСЖ за 42 милиони евра. Минатата година го подигна победничкиот трофеј на Купот на конфедерациите, а сега сонува дека истото ќе го направи и на Светското првенство.

4 јуни 2014 - 09:45