Ова е најголем пораз на Баерн во историјата на германскиот Куп и еден од најтешките порази во сите натпреварувања уште од 1978-ма - тогаш Фортуна Дизелдорф ги згромила со 7:1.
Од таа '78-ма година Баерн ниеднаш не изгубил со 5 или повеќе гола разлика.
Славниот клуб од Минхен ја прекина и неверојатната серија со постигнат макар еден гол на последните 84 меча во сите турнири. Последен пат до синоќа, не дадоа гол против Лапјциг во февруари 2020-та.
Баерн не успеа да го собори светскиот рекорд кој го држи Ривер Плејт со 96 меча по ред на кој давале гол од 1936 до 1939.
ГОЛЕМ СРАМ ЗА КЛУБОТ
Најдобро организираниот фудбалски колектив во Европа по втор пат по ред испаѓа во рана фаза од германскиот Куп. Минатата сезона во 2. коло ги урна анонимниот Холштајн Кил од втората Бундеслига (2:2, 6:5 на пенали).
Баерн Минхен првпат од 1996-та година два пати по ред не може да се пробие во 1/8 финале на Купот. Во сезоната 1994-та испаднале од Фестенбергсгројт, а во сезоната 1995/1996 ги урнала Фортуна Дизелдорф.
ШТО СЕ СЛУЧИ?
Баерн Минхен тргна во Менхенгладбах во одлична форма: три победи по ред со вкупна гол разлика 13:1, а во првите девет кола од Бундеслига дадоа 33 погодоци и се тотален лидер на табелата.
Единствена дамка во идиличниот амбиент беше отсуството на тренерот Јулиан Нагелсман кој беше позитивен на коронавирус па го нема веќе неколку дена. Но го немаше ни на претходните два меча во кои Баерн победуваше со по 4:0.
Нагелсман како да претчуствува некаква бура пред мечот со Борусија Менхенгладбах па за ова гостување го одбра најдобриот тим и Баерн истрча во полн состав:
„Не разбирам како оваа екипа не постигнува резултати во првенството. Многу ми е чудно. Они се многу јак противник со големи физички способности и брзина. Посебно во напад. Знаат да играат против нас под пресинг и сигурно нема да бидат лесен противник“, претскажал тренерот на Баерн, младиот Нагелсман.
Но кој претпоставуваше дебакл од 5:0?
На Баерн просто не му одеше ништо а на Борусија Менхенгладбах се.
Домаќините имаа 7 удари во рамки на голот од кои 5 завршија во мрежата на Нојер. Баерн имаше 8 обиди и сите беа безопасни.
This clip sums up Bayern's night perfectly 😅 pic.twitter.com/aaasv91fbz
— ESPN FC (@ESPNFC) October 27, 2021
Гладбах станува мошне незгоден ривал и полека му набива фрустрација на Баерн. Ова е веќе четврти меч по ред како Баварците не можат да победат во Менхенгладбах.
Серијата почна со триумф на Борусија 2:1 во декември 2019, во јануари 2021 Гладбах славеше 3:2 а сезонава одиграа 1:1 и сега оваа раскошна историска победа која ќе се памети засекогаш.
Минатата сезона Баерн исто испадна во 2. коло на Купот а пред таа сезона играше дури три финалиња по ред и две ги победи.
Уште во првиот напад на домашните, францускиот играч од среден ред Куадио Коне стрелаше прецизно во десен долен агол и го отвори резултатот. Веќе до 21' минута Менхенгладбах водеше со 3:0, предноста ја зголеми Алжирецот Рами Бенсебаини со два гола (вториот од пенал).
Во вториот дел после неколку кардинални грешки на стоперот Дајо Упамекано, Емболо неколку пати влезе во шанса и искористи две од нив, прво за 4-0 па за 5:0 во 57' минута. Проблем за Баварците во еден момент беше и што Кингсли Коман играше лев бек од неразјаснети причини.
Крај. 5:0 и тежок дебакл на Баерн.
Ова не е најтежок пораз во историјата на Баерн. Минхенците во 70'-те години изгубиле 7:0 од Шалке, па 7:1 од Фортуна, па по 6:0 од Ајнтрахт и Кикерс.
Последен пат тимот на Баерн прими 5 гола во ноември 2019-та година кога во Бундеслига изгуби на гости кај Ајнтрахт Франкфурт со 5:1. Тогаш играа со играч помалку уште од 9' минута.
Знаете кој беше тренер на Ајнтрахт тогаш? Актуелниот тренер на Гладбах, Ади Хитер.