Победата на Фулам од 2:1 против Питерборо за Александар Митровиќ и Чемпионшип лигата значи испишување на нова историја. Српскиот центарфор ги даде и двата гола за својот тим и стана нов рекордер со неверојатни 33 гола во една сезона, постигнати на 30 натпревари.
Рекордот се однесува од 2004/2005, откако втората англиска лига е ребрендирана и во која најдобар стрелец до вчера беше Иван Тонеј од Брентфорд кој минатата сезона постигна 31 погодок.
Апсолутен рекордер по број на погодоци во 130 годишната историја на Чемпионшип е Геј Витингем кој во сезоната 1992/1993 стигна до 42 комада.
Митровиќ е гол машина на Фулам веќе петта сезона, а бројките покажуваат дека е далеку поефикасен во Чемпионшип, отколку во Премиер лигата. 75 комада во три сезони во втора, 24 комада во две сезони во прва лига.
Првата блескава сезона за Србинот беше 2019/2020, успешна и за него и за Фулам. Тој стана најдобар стрелец со 26 гола, исто колку што постигна и Оли Воткинс од Брентфорд, а неговиот тим влезе во Премиер лигата преку плејоф.
Формата во најелитната лига сепак нагло му опадна. Постигна два гола против Лидс во поразот од 4:3, а потоа имаше суша од седум месеци која ја прекина со гол против Астон Вила, меч кој Фулам го загуби со 3:1. Еден гол запиша и во Лига Купот против Ипсвич.
Во текот на целата сезона, тој постигна повеќе голови за Србија (7), отколку за неговиот Фулам (4).
Постои многу јасна корелација помеѓу неговите голови и успехот на Фулам, кој веднаш претрпе испаѓање во втората лига, победи само пет натпревари и постигна само 27 гола.
Србија не учествуваше на ЕП минатото лето, па Митровиќ имаше подолг период за враќање во старата добра форма. Сезоната почна на 8 август против Мидлзброу на кој одиграа 1:1. Шест дена подоцна на гости против Хадерсфилд ја начна мрежата и не застана.
Се врати магичниот допир на Митре во шеснаесетникот и стана неприкосновен. Четири меча – четири гола. Следуваше репрезентативна пауза која воопшто не го извади од колосек. Шест меча – шеста гола, па хет-трик против Свонси и тоа уште во прво полувреме со кој ја подигна статистиката на 12 погодоци на 10 настапи.
Митровиќ држеше страшен континуитет и во октомври и во ноември. Му помогна на Фулам да го добие дербито во западен Лондон против КПР, па следуваа гол против Кардиф, два против Нотингем Форест и потоа уште еден хет-трик, овој пат против ВБА, ривалите за промоција во првата лига.
„Има многу квалитет во овој тим, многу креативни играчи кои прават многу шанси за мене, па морам да им се заблагодарам што ми помогнаа да постигнам толку голови, колку што постигнав во октомври“, изјави Митровиќ кога ја подигна наградата за играч на месецот.
Проблемите поврзани со Ковид го примора Фулам да одигра само три лигашки натпревари помеѓу 11 декември и 11 јануари.
Но тоа добро му дојде и нему и на клубот, бидејќи се врати со два комада во демолирањето на Ридинг од 7:0, а потоа запиша трет сезонски хет-трик во победата од 6:2 против Бристол Сити и тоа повторно во првото полувреме.
Во саботата на 19 февруари, Митровиќ пропушти две шанси против Хадерсфилд за да го постигне најважниот гол, но само четири дена подоцна ја испиша историјата.
Уште поимпресивно е што подвигот на Тони го престигна на дури 14 натпревари со крајот на сезоната.
Со 33 гола на 30 првенствени натпревари, машината Митре има направено просек од 1,1 гол по натпревар. Ако продолжи да стрела со исто темпо, Скајспортс му пресмета дека ќе постигне уште 15 и ќе има 48.