Како и колку време работел Бекам за да го донесе Меси?

Четири години. Да, четири години им било потребно на Бекам и неговите партнери за да го направат трансферот од соништата кој направи тектонски промени во Америка. Секое сабајле одел да го гледа на тренинг.

Легендарниот Дејвид Бекам, за кој пред два дека излезе документарец на Нетфликс, беше гостин во подкаст кај стариот добар другар Гери Невил.

Зборуваа на многу теми, а на почеток тема беше Лео Меси. 

Кога пред 10 години станал дел од сопствениците на Интер Мајами, визијата му била да ги носи најдобрите играчи, иако бил свесен тоа е многу тешко, но е и голем предизвик.

„Пред четири години се прикрадов во хотелот на татко му на Меси за да се сретнам со него и тогаш не беше спремен да дојде, но јас се свртив накај татко му и му реков го сакаме твојот син кога ќе биде спремен и ако може да ги продолжиме разговорите со моите партнери. Четири години работевме на тоа. Кога беше во ПСЖ и кога постоеа шанси да се врати во Барселона, сè уште бевме во комуникација.

Да донесете играч како него, знаевме дека ќе го промени и клубот и лигата и кога е на терен и кога не е. Меси изгледаше како сон, исто како Алба и Бускетс, но со Лео сè се менува. Академијата во клубот сега има на кого да се огледа, плус тој ги учи нив, што е прекрасно“, раскажува Бекам за долгиот пат до потписот на веројатно најголемиот во светот.

Кога Меси ја донел одлуката, Бекам се наоѓал во Јапонија и не можел глава да крене од телефонски повици.

„Дознав дека доаѓа додека бев во Јапонија. Ни се јави татко му и ни кажа дека Лео ќе пушти соопштение. Беше 5 часот наутро, Викторија и децата спиеа, телефонот збудале, имав еден куп повици и пораки. Тој сакаше со семејството да живее таму и сакаше да игра фудбал и да победува на начинот на кој што игра. Бев многу возбуден бидејќи ни беше потребно долго време и беше многу тешко да се донесе.

Ние му дадовме понуда, но тој имаше понуди и од Саудиска Арабија и од Барселона, за што бев загрижен со оглед на неговата поврзаност таму. Но потоа требаше сам да одлучи“.

Како е кога го гледаш од близу?

„Против Меси играв кога бев во Реал Мадрид и ПСЖ и се разбира тогаш беше неверојатен, но друго е кога го гледаш вака и му го пратиш секој потег и секое движење. Тој е неверојатен за младите, голем е. Кога дојде во Мајами и кога почна да тренира, секое сабајле бев на тренинг во 7 часот сабајле само за да го гледам. Да видам како тренира, како се спрема. Тој е толку многу паметен, неговиот мозор работи поинаку. Кај него гледаш работи што кај другите играчи не ги гледаш. Лани освои Светско, а уште е гладен за успеси како да е млад“.

Како е Меси приватно кога излегувате заедно?

„Многу е мирен и нормален. Во Мајами сите го следат, на секој тренинг доаѓаат илјадници луѓе за него. Го чекаат и кога заминува со кола. Но откако дојде тука вози сам, оди во супермаркет, на шопинг и луѓето се шокирани од тоа. Но тој е таков, мирен е, голем работник, има прекрасно семејство. Тој е нормално момче со неверојатен талент“.

Бекам во подкастот зборува и на многу други теми, како новиот документарец, кризите после Светското 98-ма, времето во Манчестер Јунајтед, односите со Фергусон. Фино друштво се собрани.

6 октомври 2023 - 15:27