Интер го совлада Лацио на Олимпико за двојна шампионска круна!

Без поголеми проблеми, шампионот на Италија само неколку дена откако се круниса за нов првак на земјата, на тој пехар му го додаде и оној од Купот на Италија. Прва двојна круна за Интер во Италија од 2018-та година. Кристијан Киву е тренер на годината.

На преполн „Олимпико“ каде имаше речиси 80.000 гледачи, со навивачки групи на двете екипи (тифозите на Лацио го прекинаа бојкотот само за овој натпревар, па од денес пак ќе бојкотираат), Интер го реши победникот за мошне кратко време.

Поведоа нераѕурите во 14' минута: Федерико Димарко центрираше, Маркус Турам шутираше со глава а топката се одби од Марушиќ и влезе во мрежата.

После 20-тина минути игра, Лаутаро Мартинез искористи еден подарок на бекот Нуно Тавареш кој попушти под пресингот на Интер. Дензел Дамфрис мајсторски му ја одзема топката и асистираше до капитенот за 0-2:

Во вториот дел Интер не му остави никакви шанси на Лацио. На крајот конечни 0-2 за нераѕурите и двојна круна.

Интер го освои јубилејниот 10. Куп на Италија во својата клупска историја. Последен пат триумфираа во сезоната 2022/2023 уште при Симоне Инзаги. Во следната сезона испаднаа во 1/8 финале од Болоња а во минатата сезона изгубија 0:3 од Милан во полуфинале.

Интер е втор по број на славја во Купот. Јувентус има 15 одличја, Интер 12.

За тренерот Кристијан Киву ова е втор пехар во првата сезона како тренер на Интер. Се испостави дека Романецот е топ погодок за нераѕурите со кои имаше титули и како играч.

Киву лани на 13 натпревари ја водеше Парма и многумина беа скептици кога дојде во Интер. Некои му предвидуваа дека нема да остане повеќе од пар месеци. Но Киру на старт го решил конфликтот меѓу Лаутаро Мартинез и Чаланоглу, ја споил екипата и создал хомоген состав кој на крај испадна најсилен во Италија.

Киву претпочитал директна комуникација со играчите, како Инзаги но тоа го прави поконструктивно, помалку емотивно од својот претходник. Го поддржа на пример голманот Јан Зомер кога овој беше во пад на форма и во криза.

Кристијан Киву го врати Интер каде што му е место - на врвот на Серија А.

14 мај 2026 - 09:05