И покрај тврдокорното противење на голем дел од јавноста, Русија во неколку колективни спортови има играчи од друга земја кои добиле пасош и право на настап.
Токму Американецот Џон Роберт Холден беше најзаслужен што Русија стана европски првак во кошарка. Во 2007. година, во финалето против домаќинот Шпанија, Холден со кош во последната секунда го реши европскиот шампион. Андреј Кириленко беше прогласен за МВП на тоа првенство, а Холден кој 9 години играше за ЦСКА стана идол на кошаркарската јавност во Русија.
Фудбалската селекција на Русија се квалификуваше на ЕП во Франција, меѓутоа резултатите и пред сe играта во последните неколку години не се во склад со амбициите на земјата. Русите лани на Мундијалот во Бразил испаднаа уште во групната фаза. Го избркаа Капело и го назначија Леонид Слуцки, но и натаму нешто недостасува.
Последниот пораз 1-3 од Хрватска на пријателската ја прелеа чашата и Русите бараат ново решение. Желба да добијат руско државјанство изразија напаѓачите Ари, Жоажињо Вандерсон (Краснодар) и Гиљерме од Локомотива Москва. Сите тројца се Бразилци.
„Се надевам дека до Европското ќе натурализираме фудбалер. Тоа е дел од концептот за подготовките, а ние имаме таква можност. Зборував со моите соработници и сите се за натурализирање на странски фудбалер“, изјавил Мутко за Итар Тас.
Европското во Франција ќе се игра од 10 јуни до 10 јули 2016-та година. Ждрепката за групите ќе се влече на 12 декември. Останува да се види како на ова ќе реагира претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин кој и самиот во септември годинава му даде руско државјанство и пасош на боксерот Рој Џонс-јуниор.