Италијанците стравуваа од реми со барем четири гола на натпреварот помеѓу Хрватска и Шпанија, но тие успеаја да постигнат само еден.
Хрватска и актуелниот европски шампион одиграа квалитетен натпревар, но мрежите мируваа се до самиот финиш на натпреварот.
Најсериозната шанса на натпреварот ја имаа Хрватите кога Модриќ одлично го пронајде Ракитиќ пред голот на Шпанија, но Касиљас со феноменална интервенција ја одбрани својата мрежа.
Хрватска тргна со сите сили во напад, но на две минути пред крајот сами пред голот на Плетикоса се најдоа Иниеста и Наваса, а на резервистот Хесус Навас не му беше тешко да го постигне единствениот гол на натпреварот кој заедно со победата на Италија над Ирска, значеше и елиминација за Хрватска.
Италија ја имаше теренската иницијатива но половина час не успеваше посериозно да се закани кон голот на Ирска. По три зрели шанси во рок од пет минути, „азурите" конечно го срушија отпорот на Ирците. Антонио Касано со глава ја смести топката во противничкиот гол по нафрлувањето од корнер на Пирло во 35-та минута.
Во второто полувреме Италија продолжи да атакува, а на една минута пред крајот работата им ја олесни Ендрус кој заработи втор жолт картон, а точка на натпреварот стави Марио Балотели со прекрасен погодок во последната минута.
Од групата Ц во четвртфиналето на ЕУРО 2012 се пласираа Шпанија како првопласирана и второпласиранта Италија, а своите противници ќе ги добијат по одигрувањето на последното коло од групата Д од каде за пласман во следната фаза се уште шанси имаат Франција, Англија и Украина.