Дарио Жупарчиќ е херојот на 20-то коло во Серија А. Можеби не важи за познато фудбалско име, ама со ваков пристап кон тренерот, клубот и колегите, па и фудбалот воопшто тој дефинитивно ќе биде користен како позитивен пример за професионалност и лојалност кон тие што го плаќаат.
На 15 јануари годинава Пескара имаше тешко гостување против Наполи на кое Дарио не доби шанса да патува. Му преостана да оди на појадок и потоа на тренинг во базата на клубот. Но одеднаш доби неочекуван повик од тренерот Масимо Одо.
„Дарио, треба да дојдеш во Неапол, се наоѓам во непријатна ситуација и ми фали човек во одбрана“, му рекол Одо.
Проблемот настанал на денот на одигрување на мечот кога утрото неговиот најискусен стопер Стендардо се разбудил со температура. Одо планирал да игра со тројца во одбрана и единствена алтернатива му била да му врти на Хрватот кој не го ставил ниту во поширок состав.
И сега пазете го царов. Не прашал ни како ни зошто, туку со своја кола тргнал сам накај Неапол за да спаси ситуација. Извозел скоро 300 километри за околу 3 часа и застанал само еднаш во сендвичара за да касне нешто набрзинка.
Дарио успеал да стигне на нешто повеќе од еден час пред мечот и го одиграл цел 90 минути. Пескара загуби 3:1, но нивниот дефанзивец е победник за кој долго ќе се раскажува.
Во време кога фудбалерите ги направија преплатени и уште бараат покачувања, а земаат милиони, ова ниту го имало, ниту ќе го има во лига кога е една од водечките пет во светот.
Дарио Жупарчиќ во 2013 година направи трансфер од Цибалија во Пескара за рекордни 700.000 фунти за италијанскиот клуб, а пред само неколку дена замина на позајмица во Ријека каде ќе игра заедно со Жута и Стефан Ристовски.
Со овој негов гест, тој ги освои срцата не само на навивачите на Пескара, туку на цела спортска јавност во Италија која го величи.