Гратис пијачка на стадион

Англискиот фудбалскиот клуб Мидлсбро ги примамува своите навивачи да купат сезонска влезница со тоа што им ветува гратис пијачка на секој домашен натпревар.

Во Македонија клубовите ги привлекуваат навивачите со тоа што не им наплаќаат влез и им плаќаат реквизити и патувања, а во Англија ги намамуваат со пиво.

Фудбалскиот клуб Мидлсбро веќе почна да продава влезници за следната сезона, но празните места на нивниот стадион ќе ги полнат со интересна кампања. Секој возрасен купувач на сезонска влезница на домашните натпревари ќе добие гратис пиво, вино, сок или чај.

Финалистот од УЕФА купот од 2006-та година, веќе втора сезона игра во втората лига, а во моментов е на 8-та позиција. И покрај тоа што Мидлсбро е на само 3 поени заостанување зад плеј-оф позициите, челниците на клубот најверојатно не се надеваат дека нивниот тим ќе избори пласман во Премиер лигата, па цените на влезниците за следната сезона се исти како и оние што се продаваат оваа година за натпреварите од англискиот Чемпионшип.

Стадионот Риверсајд има капацитет од 34.988 гледачи, а оваа сезона е полупразен со просечна посетеност од 17.468 гледачи.

И покрај тоа што на Риверсајд се делат гратис пијачки, сепак овој стадион не е „најосвежувачки" стадион во Англија. Стадионот Грифин Парк во Брентфорд на сите 4 ќошиња има по еден паб.

15 март 2013 - 15:34