Голем гаф на УЕФА на сред ждрепка со Манчестер Јунајтед

УЕФА ги измеша брзините на денешната ждрепка во Нион и направи една, односно две грешки. Втората следуваше веднаш по првата. Ептен ја утнаа.

Утката се случи речиси на почетокот и таа не е воопшто мала, па дури има и жестоки реакции, дека ова е скандалозно и срамно и дека треба цела ждрепка да се поништи.

По извлекувањето на првиот пар Бенфика - Реал Мадрид, на ред дојде Виљареал, а гостинот Андреј Аршавин за противник го извлече Манчестер Јунајтед.

По 2 секунди молк, генералниот секретар на УЕФА, Џорџо Маркети рече дека тоа не е возможно, бидејќи овие две екипи играа во групната фаза. Потоа поранешниот руски репрезентативец влечеше уште еднаш по што се насмеа, бидејќи на Виљареал му го донесе другиот противник од Манчестер, а тоа е Сити.

На првата грешка, која Маркети ја нарече техничка, се надоврза втора која е контроверзна и со која може слободно да се заклучи дека ждрепката е нерегуларна.

За третиот пар во извлекувањето се вклучи самиот Маркети кој го извлече Атлетико Мадрид. И освен Ливерпул, кој не може да игра против Атлетико бидејќи беа во групи, го кажа и Манчестер Јунајтед со образложение дека веќе бил извлечен.

Со ова излегува дека Манчестер Јунајтед е изземен како можен противник на Атлетико Мадрид и тргнат настрана, за што твитаат и англиски новинари.

Потоа се испостави дека топчето со Манчестер Јунајтед е останато последно и го извлекоа на крај како противник на ПСЖ.

Претставници на Атлетико веќе разговараат со УЕФА на темата

ЕДИТ:

Пу пу не важи, УЕФА ја призна грешката и во 15:00 ќе се влече одново.

Осминафиналните парови

13 декември 2021 - 12:46