Исповед на Мајкл Овен:

Го мразев фудбалот и едвај чекав да се пензионирам

Малку фудбалери успеале да го освојат врвот во кариерата за толку кусо време, но потоа и да се соочат со пад кој никој не го посакува. Овен беше маестрален и споредуван со Роналдо, но кариерата ја заврши во Стоук. Неславно.

Мајкл Овен своевремено беше икона на англискиот и општо на европскиот фудбал на кој му се воодушевуваме. На само 22 години ја освои Златната топка во 2001-ва година, со повеќе гласови од Раул и Оливер Кан, беше брз како оса и како гол машина во Ливерпул направи трансфер во Реал Мадрид за време на Галактикос ерата со Роналдо, Раул, Фиго, Зидан и Бекам.
 
Но наместо нов почеток во шпанскиот фудбал и голема можност за богата трофејна кариера, единствената сезона во Реал 2004/2005 му беше пресвртница во кариерата, за жал во надолна линија.
 
Овен во тоа време не успеа на Бернабеу и откако почна со повреди кои го оддалечуваа подолго од терен, станал свесен дека повеќе не е оној истиот. Вистината ја признава во интервју за БТ Спортс.
 
„Кога за прв пат се повредив на задната ложа, практично завршив. Навистина. Го сменив начинот на игра, не бев оној истиот кој постигнуваше голови како оној против Аргентина. Ги минував противниците, втрчував во празен простор, нафрлував. Тоа бев јас. Но во последните шест или седум години од кариерата се претворив во нешто друго. Бев преплашен од можноста да се уфрлувам во напад кога имав шанса. Знаев дека ќе ја обновам повредата. Тоа беше страв кој беше во можност да ми ја смени кариерата. Инстинктот ми велеше да играм како секогаш. Јас сум роден за фудбалер. Но се сеќавам дека кога Мекманаман ќе ја земеше топката и ќе ми дадеше длабочинска топка, јас си помислував не, немој те молам, дај ми ја куса“.
Легендарниот англиски напаѓач е до толку искрен што признава и дека се криел на терен за да не прими топка.
 
„Тие шест или седум години го замразив фудбалот. Едвај чекав да се пензионирам, бидејќи тој што излегуваше на терен не бев јас. Најлошо е што влегов во една состојба со умот до таму што не се местев ниту во позиција да шутирам. Се криев и се местев во зона каде не не требаше да бидам“.
Во 17 годишната кариера на Овен за паметење е првата половина која му донесе слава во Ливерпул, 158 голови и 6 трофеи.
 
Освои само една титула во Премиер лига со Манчестер Јунајтед во 2011-та, но ниту тој, ниту навивачите сакаат да се потсеќаат на тие негови искуства во Мадрид, на Олд Трафорд, како и во Њукасл и Стоук.
 
Играчиште и легенда, за жал на куси патеки.
27 август 2018 - 16:14