Германска третолигашка бајка: Сарбрикен е полуфиналист во Купот со гол во 93-та минута

Карлсруе го елиминираа во 91-ва, Баерн во 96-та, Борусија Менхенгладбах во 93-та минута. Најскапиот играч им вреди 700.000 евра. Што третолигаш ќе беше ова?

Третолигашот Сарбрикен од меч во меч се надминува себе си и ги руши сите бариери дека во Германија мора да бидеш Баерн за да газиш сè пред себе.

Откако ги елиминираа двата прволигашки гиганти Баерн Минхен и Ајнтрахт Франкфурт, на менито им дојде Борусија Менхенгладбах која ја исфрлија од четвртфиналната фаза во Купот со гол во 93-та минута.

И тоа со пресврт. Гостите поведоа по само 8 минути игра, а одговорот стигна по само 3 минути. Нерешените 1:1 стоеа на семафорот сè до судиското продолжение во кое Брункер од контра погоди за пласман во полуфинале и делириум меѓу играчите и навивачите.

Чудата кои ги прави овој тим се неверојатни. Три од четирите екипи кои им застанаа на патот, ги елиминираа со идентични 2:1 и тоа со голови во судиското продолжение. И тоа два противника со пресврт.

На 2 април Сарбрикен ќе се обиде да направи уште едно изненадување против второлигашот Кајзерслаутерн и да обезбеди историско финале.

Ги ѕирнавме малку на Трансфермаркт и што да видиме. Играчите им вредат по околу 200, 300.000 евра. Имаат неколку што се и под 100.000, а најскапиот им е 700.000 евра.

Никогаш не освоиле ни куп, ни првенство, а ова им е петто полуфинале во историјата, претходното им е пред четири години.

Историјата ќе ја бркаат на 2 април, овој пат против второлигашот Кајзеслаутерн. Во другото полуфинале се среќаваат Баер Леверкузен и второлигашот Фортуна Дизелдорф.

За прв пат во историјата на германскиот Куп во полуфиналната фаза има само еден прволигаш.

0:1

1:1

2:1

Драма на гол линија

13 март 2024 - 08:47