Германија ги скроти Грците

Втор патник помеѓу најдобрите четири на Европското првенство во Полска и Украина е репрезенацијата на Германија откако очекувано ја надигра Грција и славеше со 4:2 и во полуфиналето го чека подобриот од четвртфиналниот дуел помеѓу Англија и Италија.

Како што и се очекуваше, Германците им покажаа на Грците кој е кој во Европа. Репрезентацијата на Грција повторно се обиде да изненади со својата дефанзивна тактика и контра нападите, но Германија не дозволи сензација.

И покрај тоа што селекторот Јоаким Лев се реши да одмори немоколку првотимци како Гомез, Милер и Подолски, Германија имаше целосна контрола и доминираше во текот на целиот натпревар.

Грчкиот бедем беше срушен во 38-та минута по одличниот продор по левата страна и прекрасниот гол на капитенот Филип Лам.

Германија продолжи да напаѓа и во второто полувреме, но беа накратко шокирани во 55-та минута кога по брза контра Салпингидис одлично го пронајде Самарас пред голот кој успеа да го совлада Ноер.

Сепак нивното славје траеше само пет минути откако Сами Кедира со убав гол ја врати Германија во водство, а во 68-та минута Мирослав Клосе со глава ја зголеми предноста на 3:1.

На петнаесетина минути до крајот, Марко Ројс со „бомба" ја потврди победата, а на една минута до крајот Салпингидис само намали од белата точка.

22 јуни 2012 - 23:26