Фудбалски тим како паралелен свет во Израел

Хапоел Катамон е клуб кој му дава нов живот на израелскиот спорт, пред сè поради тоа што во екипата без никаков проблем заедно играат Арапи, Евреи и останати националности.

Понеделничка вечер во Ерусалим, играчите се на теренот додека Еитан Пери не престанува да потпевнува Yalla! Yalla Hapoel! (Напред Хапоел), а малкумина гледачи задоволно го гледаат. На теренот истрчува У-12 женскиот тим на Хапоел Катамон, кој треба да игра против екипа од Нетања.
 
Поддржан од европскиот шампион Барселона и германскиот Вердер Бремен, Хапоел Катамон е првиот клуб во сопственост на навивачите во Израел. Способноста на Хапоел Катамон да ги собере заедно Арапите и Израелците е еден од најголемите успеси во градската историја.
 
Тимот со црвено-црни бои, кој се наоѓа во јужно-централен Ерусалим на едно место ги обединува Евреите кои живеат во источниот дел од градот и Арапите кои се претежно во Источен Ерусалим.
„Во Ерусалим атмосферата е политички наелектризирана. Ова што ние се обидуваме да го направиме, не го направил ниту еден професионален клуб и нам ни успева“, вели Пери, тренерот и доскорашен член на управниот одбор на Катамон.

Хапоел Катамон е основан во 2007. година од луѓе кои се фрустрирале од лошото управување на Хапоел Јерусалим кој падна на најниски гранки. Катамон минатата сезона се пласирал во втората лига на Израел.

Клубот има седум членови на управниот одбор од кои четири им следуваат на навивачите. Минатата сезона клубот имал 520 членови, а секој треба да даде 320 долари за да се приклучи. Членарината им овозможува да гласаат на изборите и да извадат сезонска карта.
 
Два пати неделно, околу 100 деца од целиот Јерусалим, претежно Арапи и Евреи добиваат совети од првотимците. Без разлика дали е голман или напаѓач од првиот тим, сите деца се присутни и ги следат советите. 

Хапоел Катамон често се гледа како контраст на Беитар Ерусалим, познатиот сосед кој има националистички навивачи. Минатата сезона Беитар беше казнет и му беа одземени бодови од фудбалската федерација на Израел поради расистички испади. Минатата недела Беитар загуби од белгискиот Шарлерои во Лигата на Европа, а УЕФА го казни израелскиот тим поради расистички испади.

Претседателот на Беитар, Ели Табиб фрустриран од настаните решил да го стави клубот на продажба, а еден од спонзорите се повлекол по казната од УЕФА. За тоа колку Катамон се разликува од другите покажуваат и корнер знаменцата на теренот кои се во боја на виножито, симбол на рамноправност и слобода.
„Хапоел Катамон е како тим од паралелен свет. Во сопственост е на навивачите, демократски е воден и отворен за сите раси и религии кои ги има многу во Ерусалим.  Клубот инвестира и во соседството каде ги соединува сите религии и вери, а тоа ѝ се допадна на Барселона која реши да поддржи некои проекти“, вели за СиЕнЕн Ориел Даскал, познат израелски спортски новинар.

Хапоел Катамон во моментов нема свој стадион туку натпреварите ги игра на Теди Стадион, домот на Беитар Ерусалим, но Пери вели дека сите сонуваат нов стадион.

„Во Ерусалим е многу тешко да се најде простор за да изградиш нов стадион. Можеби ќе треба да се преселиме некаде надвор од градот, но мислам дека одиме во добар правец. Се надевам дека еден ден место во црно-жолтите бои на Беитар, еден ден децата ќе шетаат низ градот со црвено-црните дресови на Катамон“, констатира Пери, кој успешно ја води мисијата за фудбалско обединување на Арапите и Евреите.
 Виа: СиЕнЕн
26 август 2015 - 10:54