Фабио Капело на рапорт кај министерот за спорт на Русија

Нерешениот исход против Молдавија (1:1) во квалификациите, дополнително го зголеми гневот кај навивачите на Русија, кои не можат да му ја опростат платата на селекторот.

Италијанскиот стратег бил повикан на кафе муабет кај Виталиј Мутко, рускиот минстер за спорт и млади, кој е разочаран од играта на репрезентативците.
„Селекцијата на крајот ќе се квалификува за Европското првенство, но не сум задоволен од играта. Со ништо не ме убедуваат дека заслужуваат да бидат репрезентативци“, изјавил Мутко за руските медиуми.
Капело веќе неколку месеци е на удар на руската јавност, пред сè откако Форбс објави дека „Дон Фабио“ заработува 11 милиони годишно како селектор на Зборнаја. Критиките се зголемија по очајниот настап на Русите на Светското во Бразил, каде без ниедна победа испаднаа од групата.
„Во неделата многу навивачи не ја гледаа трката за ГН на Сочи каде настапуваше нашиот пилот Квјат и каде се собраа 55.000 гледачи, само поради фудбалерите кои на крајот разочараа со својот однос“, констатирал Мутко.
Фудбалската федерација на Русија е единствена која има поддршка за Фабио Капело, затоа што минатиот месец дури и му се извиниле што му доцни платата. Русија игра во Групата Г од квалификациите за ЕП, во која се уште и Австрија, Шведска, Црна Гора, Молдавија и Лихтенштајн. Русите се втори со 5 бода, зад Австрија која има 7, а Капело ќе има поправен испит на 15-ти ноември во Виена токму против Австрија.
14 октомври 2014 - 16:37