БИОГРАФИЈАТА НА СЛОТ: НЕ БИЛ ТОП ИГРАЧ, ЗАТОА БРЗО ПОЧНАЛ ТРЕНЕРСКА КАРИЕРА
Арне Слот никогаш не бил ѕвезда. Голем дел од кариерата го поминал во втората холандска лига, во Зволе, во НАК Бреда и во Спарта Ротердам. Најголема слабост на фудбалерот од среден ред му била бавноста. Тој и самиот кога почнал да учи за тренер рекол дека никогаш не би го земал Слот како играч во своја екипа.
Арне не бил брз и му фалела издржливост, неговите соиграчи често го покривале. Но како и за секој човек, така и Слот, имал недостатоци но имал и многу добри страни. Токму тие го направиле Слот тренер каков што е денес. Еден од неговите фундаментални принципи е: за да еден играч ја изврши најдобро својата задача, неговите соиграчи мораат да си ги извршат своите сопствени задачи.
Слот уште во време како играч знаел да дава совети на тренерот. Уште од млад го влечела тактика, формација и на своите тренери им укажувал на едни или други ситуации.
„По некои играчи се гледа дека ќе станат тренери. Јас играв со Арне и не ми е чудно што денес тренира. Во соблекувална Слот разговарал со некои играчи, на пример за пресинг или одбрана. Прашуваше: „Зошто тоа не го правиме на овој начин? Можеби е подобро да го направиме на овој начин“? Тој на своите тренери им нудеше разни варијанти“, се сеќава Едвин де Граф, поранешен соиграч на Арне Слот во НАК Бреда.
Познатиот холандски стручњак Хенк тен Кате (му беше помошник на Франк Рајкард во Барселона и на Аврам Грант во Челси) раскажал дека уште тогаш Слот ја гледал играта како аналитичар. Тен Кате му бил тренер на Слот во НАК Бреда кога Арне имал 24 години.
ОД ТРЕНЕР НА МЛАДИНЦИ ДО БОРБА ЗА ТИТУЛА ЗА СЕДУМ ГОДИНИ
Арне Слот по крај на играчката кариера прво станал тренер во младинската школа на Зволе, во 2013-та година само што завршил со играње фудбал. После година дена прифатил понуда да работи како помошник тренер во Камбур.
Во октомври 2016-та година главниот тренер на Камбур, Роб Мас добил отказ а Арне добил шанса: станал в.д. тренер. И направил право мало чудо: На месец дена до крајот на сезоната, од 14-то место го донел Камбур на трето место а во Куп на Холандија стигнале до полуфинале. На пат до полуфинале го урнале гигантот Ајакс а од АЗ Алкмар изгубиле дури на пенали.
После сјајните игри на Камбур, Арне Слот добил веднаш понуда во АЗ Алкмар, но уште не како главен тренер туку како помошник на Џон ван ден Бром. И тука брзо го сменил стилот на екипата: поголем посед, појак пресинг на противничка половина, повеќе кратки додавања и точни пасови.
Неговата тренерска дарба ја препознале во АЗ Алкмар и во сезоната 2019/2020 дораснал до позицијата главен тренер. И веднаш покажал дека е одличен стручњак: станал првиот тренер во историјата на Ередивизија кој успеал да освои не помалку од 19 бода во своите осум први меча во лигата. И бил спремен да се бори за титула до крај ако не избиеше глобалната пандемија.
КОРОНАВИРУСОТ МУ ЈА ОДЛОЖИЛА ПРВАТА ТИТУЛА
Прекинот во сите фудбалски лиги во светот поради глобалната пандемија во 2020-та го погодила и АЗ Алкмар со тренерот Арне Слот.
Тој во првата сезона како главен тренер на АЗ Алкмар успеал да ги совлада на гости Феенорд и ПСВ Ајндховен со 3:0 и 4:0 а во март 2020-та го победил и Ајакс 2:0 па се изразмнил по број на бодови на врвот на табелата со Ајакс.
Во моментот кога АЗ Алкмар и Ајакс имале по 56 бода, а Феенорд бил трет со 50, ПСВ четврт со 49 во холандскиот фудбал се прекинала лигата поради пандемијата. После долги превирања и дискусии првенството во април и дефинитивно било прекинато па АЗ Алкмар пропуштил шанса да ја освои третата шампионска титула во историјата.
НЕУБАВО ЗАМИНУВАЊЕ ОД АЗ АЛКМАР
АЗ следната сезона ја започнал многу моќно - не изгубиле до почетокот на декември! Играле најубав фудбал под водство на Арне Слот. А потоа се некако неочекувано завршилио неславно.
Феенорд објавил дека Дик Адвокат ќе замине од клубот на крај на сезоната. Слот чиј договор со АЗ Алкмар истекол летото 2021-ва и со кого не почнал преговори за продолжување, бил цел на Феенорд Ротердам. Почнале задкулисни игри на неколку страни.
После неколку дена управата на АЗ Алкмар дознала дека Слот преговара со Феенорд и неодложно го отпуштиле. Причина бил наводно усмен договор меѓу АЗ Алкмар и Слот дека без разлика на тоа дали ќе потпишат нов договор или не, тој да не преговара со други клубови.
„Ние не можевме да продолжиме со него, зошто мислиме дека тренер кој знае дека во следната сезона ќе работи во Феенорд, не може да биде во целост посветен на работата на АЗ Алкмар. Тој ќе биде зафатен за својот нов клуб уште додека работи во АЗ. Затоа моравме да донесеме така тешка одлука“, рекол спортскиот директор на АЗ Макс Хајбертс.
Арне Слот јавно не се огласувал на темата за Феенорд затоа што имало уште време а и не сакал на тој начин да се раздели со клубот и навивачите со кого имал прекрасен однос. Арне Слот отпуштен, имал повеќе време да игра голф и да размислува што треба да смени во Феенорд.
ФЕЕНОРД РОТЕРДАМ СТАНА ПИК НА КАРИЕРАТА НА АРНЕ
Полугодишната подготовка на Слот донела плодови. Феенорд од почеток на новата сезона со новиот тренер играл многу подобро а стигнале и резултатите. Феенорд претходно завршил на петто место а сега се борел за врвот со ПСВ и Ајакс, давал повеќе а примал помалку голови и просто победувал повеќе.
Феенорд стигна и до историско финале на Лига Конференции каде играше против Рома во Тирана и доживеа минимален пораз. Слот ја доби наградата Ринус Михелс за најдобар тренер на сезоната во Ередивизија.
По крајот на сезоната, летото Феенорд направил тотална распродажба на најдобрите играчи: најдобриот стрелец Синистера отишол во Лидс Јунајтед, Гус Тил во ПСВ Ајндховен, Фредрик Еурснес во Бенфика, Тајрел Маласија во Манчестер Јунајтед, Маркос Сенеси во Борнмут.ž
Сите фудбалери кои во претходната сезона под Слот постигнале двоцифрен број голови, заминале.
И покрај тоа Феенорд за некое чудо стана уште посилен. Во сезоната 2022/2023 го запоседнаа првото место на табела во Ередивизија пред паузата за Светско првенство и до крајот не го испуштија од рака.
Арне Слот му ја донесе на Феенорд втората шампионска титула во ХХI век. Неговите фантастични резултати го направија баран тренер минатото лето. Заинтересиран за него бил и Тотенхем но на крај се решиле за грчкиот Австралиец Постекоглу, а Челси се одлучи за Почетино.
Слот јавно изјавил дека има желба да остане минимум уште една сезона во Феенорд. И остана. „До мене стигнаа гласини за интерес од други клубови. Иако ми е пријатно, сепак сакам да останам во Феенорд и да работам над тоа што го создадовме минатата година“, рекол Слот.
Актуелнава сезона го спуштила Феенорд од небесата на земја. Шампионската титула отиде кај ПСВ Ајндховен кој со тренерот Питер Бос одигра луда сезона и долго време немаше ниту еден пораз. Тимот од Ротердам се бореше за титулата, а во меѓувреме испадна во осминафинале на Лига Европа од Рома.
Сепак Слот им донесе еден трофеј и тоа оној вредниот од Куп на Холандија. После финалето, интерес за Арне пројавил Ливерпул. Феенорд ја заврши сезонава со 84 бода, два повеќе од минатата шампионска сезона, но ПСВ Ајндховен просто беше неверојатен.
НАЈДОБРИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА АРНЕ: ИНТЕРЕСНИ ТРЕНИНЗИ, ВНИМАНИЕ НА ПСИХОЛОГИЈА И МЕДИЦИНА
Во тренерскиот стил на Слот има видно влијание од тренери со кои работел: Јон ван де Бром и Паскал Јансен во АЗ Алкмар, Марсел Каизер (тренер беше на Ајакс и Спортинг Лисабон) во Камбур. Интересно, Арне често разговарал и разменувал идеи со помошникот на Јирген Клоп, Пеп Лејндерс. Со него влегуваат во група тренери кои работат над создавање сопствена статистичка база.
Тие кои работеле со Арне Слот велат дека тој е многу посветен на важни ситни детали.
КОМУНИКАЦИЈА
Секој топ тренер треба да има идеи но поважно е како ќе ги пренесе на играчите. Арне смета дека идејата е 60% од успехот а останатите 40% се како да им ја пренесете на фудбалерите и тренерскиот штаб.
„Неговото внимание беше насочено кон тоа како ние можеме најдобро да ги донесеме нашите идеи до играчите. Постојано баравме способност да ја подобриме комуникацијата“, рекол тренерот Јон ван де Бром.
Затоа е важно што Слот знае одлично англиски јазик, новинарите тврдат дека зборувал многу подобро од Ерик тен Хаг.
ИНТЕРЕСНИ ТРЕНИНЗИ
Стилот на комуникација на Слот со фудбалерите во Холандија го нарекле indoctrineren: тој на играчите им покажува статистики, видеа и многу интересни тренинзи. „Тренирај како играш“ е мотото на холандскиот тим.
Слот верува дека неговите екипи треба да играат во секој меч поинтензивно од противникот зошто тоа во суштина им дава два начина да победат: ако нивниот квалитет на игра е послаб од противничкиот или немаат најдобар ден, можеби ќе победат поради тоа што повеќе работат и трчаат од оние против кои играат.
„Секој тркачки тренинг, секоја вежба за додавање, игра 5 на 5, се се случува во највисоко темпо, но со јасна и разбирлива идеја. Секој играч точно знае што се бара од него. Арне знае како да објасни зошто одредени вежби се неопходни. Тој е максимално искрен кон играчите и затоа го обожаваат“, рекол Едвин де Граф кој го следел тренажниот процес на Фејенорд.
Позната била и приказната кога најдобриот фудбалер на Феенорд во мандатот на Арне Слот, 10-та Оркун Кокчу кој беше најдобар поединец на патот до титулата па замина во Бенфика, еднаш пред меч против Марсеј од полуфинале на Лига Конференции, се побунил зошто тренингот бил за центаршути.
Кокчу бил незадоволен и не разбирал зошто го вежбаат тоа. Арне му рекол да му верува а првите два гола за Феенорд на мечот дошле после такви воиграни акции и центаршути од страна.
Затоа не чуди што Арне Слот во Англија си го води и долгогодишниот помошник Сипке Хулшоф кој е одговорен за водење на тренинзите.
НА СЛОТ МУ Е ВАЖНО НА ФУДБАЛЕРИТЕ ДА ИМ Е ЗАБАВНО НА ТРЕНИНЗИТЕ
И покрај сите напори на тренинг процесот, Арне Слот сака тренинзи. Особено што помошниот тренер Хулшоф постојано ги менува за фудбалерите да бидат задоволни и да им биде интересно додека тренираат.
Дури и една обична шева (рондо), во Феенорд се разликувала од другите светски клубови.
Слот смислил шева да се игра не само на прва со еден допир, туку и да не можеш да му ја вратиш на лицето кое ти ја додало топката. Топката не смее да се крене над колено, а играчите треба да обрнат и внимание со која нога во кој правец додаваат.
Звучи минорно, но ова е многу важна точка за наследникот на Клоп. Тој верува дека Пеп Лејндерс бил еден од најдобрите стручњаци за водење тренинзи - биле разновидни, занимливи, забавни но и сериозни и многу исцрпни. Тренинзите биле подготовка за специфични ситуации во гирата. Веројатно ни под Хулшоф нема да им биде досадно на играчите на Ливерпул.
СЛОТ ЈА УВАЖУВА СПОРТСКАТА МЕДИЦИНА И ПСИХОЛОГИЈА
Арне Слот сака високо интензивни натпревари но и тренинзи. Но дали тој стил носи повреди? Холандскиот тренер внимателно работи со медицинскиот штаб и физиотерапевтите за да биде во тек.
На пример следниот ден после натпревар фудбалерите не треба да работат на пространство поголемо од 40 метри. Ако играат на поголемо пространство, ќе мора да забрзуваат, да се залетуваат повеќе а во спортската медицина е докажано дека секое брзо трчање над 20 км/ч го зголемува ризикот од мускулни повреди.
Кога луѓето кои водат физичка подготовка му кажуваат на Слот дека показателите на играчот паѓаат или некој играч Се наоѓа во „црвена зона“, тој го намалува интензитетот на тренинзи за конкретниот фудбалер.
Така еднаш медицинскиот штаб му препорачал да не го користи напаѓачот Сантијаго Хименез во првата половина од дебитантската сезона во Холандија, зошто центарфорот нема да може да издржи такви напори и може да се повреди. За подготовка му требало минимум пола година.
Слот ги послушал и дури до паузата за Светско првенство не го користел Мексиканецот на терен. Но во втората полусезона Хименес стана најдобар стрелец на екипата и даваше гол речиси на секој меч.
Арне викнал и спортски психолог со цел да им помогне на играчите да ја пробијат психолошката бариера против Ајакс кого Феенорд не можеше да го победи уште од 2005-та година! Имаа буквално комплекс од „копјаниците“. Ова и тоа како помогнало зошто тимот на Слот го совлада вечниот ривал од Амстердам еднаш лани, а два пати сезонава и тоа со гол разлика 10:0!