Минатиот викенд Бундеслигата и светот имаа можност да го видат за последен пат во живо, а вчера навивачите на Ливерпул изброија 12 години од легендарното финале во ЛШ на кое беше еден од главните протагонисти.
Чаби Алонсо на 35 години му кажа збогум на фудбалот кој го најави уште во месец март. За неговиот опис може да се искористат многу зборови во суперлативи бидејќи зборуваме за вреден, ценет, голем и признат лидер во играта на Ливерпул, Реал Мадрид и Баерн, како и во селекцијата на Шпанија.
За неговите успеси во кариерата доволно е да го споменеме број 18, а тоа е бројот на освоени трофеи, како и да фрлиме око на Јутјуб каде ги има негови хируршки прецизни пасови, како и голови од далечина.
За него ќе речат:
„Кога е топката кај Чаби, тогаш е најдобар фудбалер во светот“ – Пеп Гвардиола.
„Чаби ги има клучевите за сè“ – Карло Анчелоти.
„Вонсериски играч од светска класа“ – Јирген Клоп.
„Драг Чаби ти завидувам на сите победи кои се заслужени. Ти беше најдобриот играч од среден ред со кој сум играл заедно“ – Стивен Џерард.
Иако беше апсолутна ѕвезда во Реал и Баерн, кариерата на Алонсо е тесно поврзана со Ливерпул каде играше 5 години, особено со она финале од ЛШ против Милан 3:3 кое се одигра во Истанбул во 2005-та. Автори на тој историски пресврт беа тој и Џерард.
Можеби малкумина знаат дека првиот повик во сениорска конкуренција Чаби Алонсо го доби од својот татко кој кусо време му беше тренер во Реал Сосиедад во 2000-та година. Потоа следната сезона играше под водство на поранешниот селектор на Македонија, Џон Тошак кој му ја даде капитенската лента на само 20 години.
Со него Реал Сосиедад во сезоната 2002/2003 го освои второто место во Шпанија и првиот пласман во ЛШ.
Во 2004 година понудата од Премиер лигата беше примамлива и Чаби на 22 години потпиша за Ливерпул каде го импресионираше и Бенитез и играчите уште на првиот тренинг.
„Никогаш не сум видел такво префрлање на топката“, рече Рисе.
„Играчите како него се ретки. Тој е моторот на тимот“. Изјави Торес.
Со беспрекорно лансирање на топки и одлучен шут, како и играчка интелигенција, Чаби заедно со Џерард сочинуваа беспрекорно силен пар во среден ред. Покрај чудото во Истанбул од него се памети голот од пола терен против Лутон во ФА Купот, како и изданието во Торино каде Рафа Бенитез во ситуација без Џерард го пушти Алонсо да игра повреден.
Тој одговори со одлична тактичка игра која придонесе резултат од 0:0 против Јувентус и пласман во полуфинале. Беше лидер во тимот и на финалето по две години во Атина кога Милан му се одмазди на Ливерпул.
Има и едно жалење, а тоа е што не успеа да освои титула во Премиер лигата. Но кога во 2009-та на Енфилд тропнаа од Реал Мадрид, за него беше тешко да каже не. Една година претходно го посакуваше и Јувентус, но легендата вели дека Раниери го преферирал Пулсен, верзија која италијанскиот стратег ја демантираше.
Во Мадрид Чаби прво освојуваше трофеи со Мурињо, а потоа со Анчелоти се радуваше на Ла Десима и влезе во тимот на топ 11 играчи на сезоната според УЕФА. Во меѓувреме имаше и врвни успеси со репрезентација, едно Светско и две Европски првенства.
Последната станица на маестро Чаби беше Баерн Минхен каде освои 3 титули во Бундеслигата, две со Пеп и една со Карло Анчелоти. Повлекувањето го објави со Твит полн со љубов кон фудбалот.
„Го доживеав, го сакав. Збогум убава игра“.
Потоа се дообјасни.
„Сакам да се пензионирам сега додека сум во топ форма. Подобро малку порано, отколку доцна“.
Ќе недостига.