Благоја Боби Милевски е човекот кој прв успеа да пласира една фудбалска селекција на голем европски турнир (младинската У-21 под негово водство отиде на Европско првенство во 2017 во Полска), а од таа генерација веќе неколку години е составен сениорскиот тим кој направи историја и ја однесе Македонија на Евро-2020.
Милевски доби договор до 2024 година, тригодишен период во кој ќе треба најмалку да го повтори успехот на неговиот претходник Ангеловски кој не однесе на Европско летово. Доскорешниот долгогодишен селектор на младинската У-21 изрази благодарност до луѓето од ФФМ:
„Благодарност до сите, посебно до ФФМ за укажаната доверба, а можам да ветам максимална посветеност и професионалност, како и вреднување пред сѐ на човечките вредности. Со нетрпение го чекам почетокот на мечевите во септември, нестрпливо чекам да почне соработката со фудбалерите и од таа гледна точка сум возбуден, па едвај чекам да се видиме повторно со поголемиот дел од играчите“, рече Милевски.
Новиот предводник имаше и свое видување на досегашната игра на Македонија.
„Не би се согласил дека досега игравме офанзивен фудбал. Ова го велам генерално но пред се ги земам натпреварите на Европското првенство. Јас и мојот стручен штаб веќе снимивме некои работи и извлековме свои заклучоци. Ќе го задржиме тоа што беше добро, но онаму каде има простор за напредок, ќе работиме за да стигнеме до такво нешто“, изјави Милевски на прес-конференцијата.
Првите следни натпревари кои ја чекаат Македонија со новиот селектор се оние од мундијалските квалификации за Катар 2022, против Ерменија и Романија дома во Скопје и со Исланд на гости во Рејкјавик. Сите три меча се предвидени за септември.