Бегството на Гатузо низ прозор за трансфер во Шкотска

Големиот борец од средниот ред и сè уште недокажан тренер, имаше нeзаборавни 13 години на Сан Сиро каде ги фати најубавите години на Милан. Денеска полни 40 години, а ние ќе се вратиме на неговиот прв професионален договор во кариерата за кој бил пријавен во полиција.

Џенаро Гатузо е симбол на Милан, кој пред месец и пол доби задача да го води од клупа, но кариерата ја почна во Перуџа за која има 10 настапи и лудачко заминување од клубот каде настапувал од 1995-та до 1997-ма година.
 
За да се случи едно вакво фудбалско сценарио главен актер не може да биде еден Меси или Буфон, туку будалетинка како Гатузо, кој само тој може да му приреди ваков шок на клубот.
 
Вторник како и сите други вторници е регуларен ден за тренинзи на кој се појавиле сите играчи, со исклучок на Џенаро кој дошол во тренинг центарот, ама не и на терен.

Откако никој не можел да сконта каде исчезнал тогашниот репрезентативец на селекцијата на Италија У-18, кој веќе дебитирал во Серија А, фрчеле телефони, па дури и го пријавиле во полиција.

Откритието било шокантно, Џенаро Гатузо фатил лет за Шкотска и потпишал за Глазгов Ренџерс.
 
Бегството од Перуџа му е епско. Како на бесен тинејџер кој бега од писмена по математика.
„Дали избегав од Перуџа од прозор? Па нормално, со претседателот Гаучи можеше само така. Јас немав договор со Перуџа и со парите кои ми ги понудија од Шкотска, не можев да донесам друга одлука. Татко ми ќе ме дигнеше на клоци ако не ја прифатев понудата“, вели во една изјава популарниот Рино.
Гласините за трансфер на Гатузо од Перуџа во Глазгов се слушале со недели, откако тој го сменил својот менаџер, а голем удел во тоа имал татко му кој го убедувал првиот професионален договор да не го потпишува со Перуџа.
 
Целата сага почнала откако шкотскиот првак испратиле писмо до Перуџа во кое барале да почнат со преговори, но од италијанскиот клуб немало повратен одговор. Потоа од Глазгов се обратиле во фудбалската федерација на Италија за да бараат трансфер, но и таму молк.
 
Случајот стигнал до ФИФА кои не ја признавале сопственоста на Перуџа бидејќи Гатузо немал потпишано договор со нив, но првиот човек на Перуџа не попуштал, го известил Сеп Блатер и му напишал дека тој има одговорност кон играчот.

„Случајот е пријавен во Серија А и во ФИФА, бидејќи трансферот е незаконски. Јас имам морална одговорност кон играчот кој користи наш стан“, изјавил Гаучи.
Целосно изненаден бил и тренерот на Перуџа, Невио Скала.
„Не го очекував ова, навистина. Со Гатузо бевме во добри односи и јас бев убеден дека имаме лојален млад играч. Овој развој на настаните скроз ме изненади“.
Џенаро пристигнал во Глазгов со татко му Франко и братучед му кој исто така го викале Рино, во сезоната кога клубот стигнал до рекордната деветта шампиоска титула во низа.

„На англиски јазик знам само малку зборови, но тука е Пол Гаскоњ кој ме зема под своја заштита и кој ми преведува. Го одржав првиот тренинг кој кулминираше со меч 8 на 8 и пресреќен сум. Ова е златна шанса која не смеев да ја испуштам во никој случај. Не разбирам зошто Перуџа запна толку, кога беа свесни за овој договор. Таму не земав ниту една лира, а тука ќе заработам за цел живот. Ви тврдам дека нема ништо нелегално. Не сум толку глуп за да си ја оцрнам кариерата со еден нелегален трансфер. Не сум ниту малолетен, имам 19 години и немам никакви проблеми со полицијата“, рекол Гатузо како нов играч на Глазгов Ренџерс.
На крајот, бадијала било потрошено толку време и енергија за трансферот во кој биле инволвирани сите институции за да ја разрешат оваа правна битка, бидејќи првиот професионален договор во кариерата на Гатузо нема да се памети по неговите игри, туку само по начинот на кој бил изведен.
 
Тренер во Глазгов во тоа време бил Валтер Смит, но на негово место дошол Дик Адвокат кој не го фаворизирал Џенаро и го ставил на позиција десен бек. Во октомври следната година се вратил во Италија во дресот на Салернитана, а во 1999-та следувал трансфер во Милан за 8 милиони евра.
 
Понатаму за него е добро позната историја.
9 јануари 2018 - 16:31