Финалето на Светското ракометно првенство во Барселона помеѓу Шпанија и Данска го проследија 16.000 гледачи, а малку претходно, исто толкав број на гледачи во истиот град присуствуваа и на второлигашки фудбалски натпревар.
Секако, тоа не беше обичен натпревар. Тоа беше мини класикото помеѓу Б тимот на Барселона и Реал Мадрид Кастиља. Второлигашкиот дуел беше одлична увертира за дуелот на гигантите кој ќе се одигра во среда во рамките на шпанскиот куп.
Поведоа гостите со голот на Алваро Мората, но потоа следеше целосен пресврт со двата погодоци на Араухо и голот на Деулофеу. Од 55-та минута Реал играше и со фудбалер помалку по исклучувањето на Алекс.