Aрена и Спортклуб ќе вршат преноси на македонски јазик

Тоа што функционира на пример кај Србите и Хрватите, конечно ќе биде регулирано и кај нас. Спортските натпревари на наша територија ќе ги гледаме и слушаме со македонски коментатор.

Владата на Македонија ја задолжи Агенцијата за електронски комуникации во рок од три месеци да овозможи сите содржини на спортските канали Арена Спорт и Спорт Клуб да се пренесуваат на македонски и албански јазик.

АЕК како надлежно тело треба да формира работна група и да најде начин како на овие два канали кои ги гледаме преку кабловските оператори, да се регулираат преносите со официјалните јазици.

Со оваа одлука која треба да се имплементира најдоцна за три месеци, преносите во Македонија ќе бидат регулирани како во другите земји од регионот.

„Владата ја разгледа и усвои информацијата за овозможување содржина и емитување на македонски/албански јазик на Спорт Клуб и Арена Спорт кои се регистрирани во нашата држава, и ѝ препорача на Агенцијата за електронски комуникации, како надлежно тело, да формира работна група со релевантни институции и да пристапи кон изнаоѓање начин за спроведување на заклучокот за регулирање на јазичното покривање со официјален јазик на барем на спортските канали кои се реемитуваат на територијата на Северна Македонија преку јавни комуникациски мрежи и да ја извести Владата во рок од 3 месеци за оваа можност“, стои во соопштението.

Што убаво беше едно време со италијанско на Телма, англиско на А1, шпанско на Сител, а и германско и француско имаше.

9 јуни 2021 - 11:36